• четврток, 19 декември 2024

Владата гради нови 312 станови за семејства од социјално ранливите категории

Владата гради нови 312 станови за семејства од социјално ранливите категории

Скопје, 19 април 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев, беше во посета на Општината Бутел, каде што се довршува изградбата на најголемата социјална зграда во државата. Станбената социјална зграда е со вкупна нето површина од приближно 14.300. метри квадратни и располага со 312 станбени единици.

Зградата е со два влеза, приземје и 13 катови. На секој кат има по 24 станови и има пристап за лица со инвалидитет. Деведесет и пет отсто од градежните работи на зградата се во самиот финиш и се очекуваа таа наскоро да биде целосно завршена. По заокружувањето на градежните работи, ќе биде распишан оглас за доделување на становите во оваа социјална зграда.

Премиерот Ковачевски информира дека изградбата на социјалната зграда чинела 10 милиони евра.

- Оваа зграда има вредност од 10 милиони евра. И ако се направи споредба, тоа е еднакво на четирите лава коишто се поставени на мостот „Гоце Делчев“. Четири лава е еднакво на зграда со 312 станови - тоа е најдобрата споредба за тоа во што инвестира оваа Влада, а каква Владата сме имале претходните 11 години. Не садиме палми во Вардар за стотици илјади евра, не градиме шпански скали, не правевме фасади од стиропор, не правевме скулптури на бикови и шмизли за милиони евра, туку со истите средства - социјална зграда со 312 станови за социјално ранливи категории граѓани. Вложуваме во потребите на граѓаните и тоа многу гордо можеме да го кажеме, рече Ковачевски.

За оваа, 2023 година, како што посочи премиерот, обезбедени се 5,5 милиони евра повеќе од лани за социјални услуги во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика, околу 36 илјади домаќинства примаат гарантирана минимална помош, околу 31 илјада деца се опфатени со правото за образован додаток и над 47 илјади деца се опфатени со правото за детски додаток, според исплатата во декември 2022 година.

 

- Со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани, за справување со енергетската криза, обезбедени се по 3.000 денари месечно или вкупно 12 илјади денари за четири месеци за корисниците на повеќе категории социјални права. Социјалната помош, генерално, во изминатите неколку години, е зголемена за над 300 проценти. Истовремено, зголемувајќи ја минималната плата, зголемувајќи ја просечната плата и намалувајќи ја невработеноста, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски нагласи дека преку вакви капитални проекти се враќа достоинството на социјално ранливите граѓани и им се овозможува да имаат пристоен живот и стабилно домување.

- Оваа зграда не е само капитален објект, таа е иден дом за 312 семејства. Вложивме околу 9,8 милиони евра за нејзина изградба за да помогнеме на деца без родители, на корисници на постојана парична помош, на самохрани родители, лица со попреченост. Сите тие имаат подеднакво право да се чувствуваат заштитени од државата. И драго ми што придонесуваме за подобар живот на граѓаните и веќе резултатите се видливи насекаде низ државата, рече министерот Бочварски.

 

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев истакна дека социјалната станбена зграда располага со 312 станови со површина од 30 до 47 квадратни метри и 16 деловни простории со површина од 41 до 46 квадратни метри.  

- Колективната, станбена зграда наменета за лица во социјален ризик во Општина Бутел, досега најголема во државата, е со вкупна нето површина од приближно 14.300 квадратни метри. Транспарентноста помеѓу АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката - Скопје и Министерството за транспорт и врски овозможи во краток временски период да се објават повици за распределба на социјални станови во повеќе општини на ниво на Републиката, а поголем дел од колективните станбени згради наменети за лица во социјален ризик, се веќе распределени. Континуирано и напорно работиме, со цел да обезбедиме поквалитетен и достоинствен живот, рече Ѓоргијев. фф/сп/

Фото: Влада 
 

Остани поврзан