• вторник, 17 декември 2024

Вкупно петмина загинати во несреќата со мигранти во близина на грчкиот остров Гавдос

Вкупно петмина загинати во несреќата со мигранти во близина на грчкиот остров Гавдос

Атина, 14 декември 2024 (МИА) – Уште четири безживотни тела беа извлечени од морскиот дел во близина на грчкиот остров Гавдос во спасувачката акција на крајбрежната служба на Грција откако синоќа се преврти чамец со непознат број на мигранти и загинаа пет лица, а спасени се 39, јави дописничката на МИА од Атина.

Акција за пронаоѓање на исчезнатите продолжува, а неофицијално нивниот број е над 20 лица.

Од Крајбрежната служба на Грција информираа дека интервенираат во морскиот дел на 12,5 наутички милји југозападно од Гавдос, каде што биле извлечени и телата на загинатите, а спасени се вкупно 39 лица, сите мажи.

Како што утрово објави МИА, во текот на ноќта крајбрежната служба на Грција интервенирала во четири одвоени случаи за спасување на бегалци и мигранти, кои се пренесувале со чамци, при што спасени беа вкупно 202 лица, а станува збор за три случаи кај Гавдос и еден во близина на градот Каламата на Пелопонез.

Од четирите спасувачки акции, три се завршени и на безбедни локации биле пренесени 88 бегалци и мигранти со помош на танкер што пловел во непосредна близина под знамето на Велика Британија и 44 лица од друг чамец со помош на танкер што пловел под знамето на Малта, а станува збор за два случаи во близина на Гавдос, додека 28 лица биле спасени во близина на Пелопонез. ср/

Остани поврзан