• среда, 25 декември 2024

Вкупните кредити во февруари зголемени за 0,9 отсто во однос на претходниот месец, а за 6,5 отсто на годишна основа

Вкупните кредити во февруари зголемени за 0,9 отсто во однос на претходниот месец, а за 6,5 отсто на годишна основа

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Вкупните кредити, во февруари, се зголемија за 0,9 отсто споредено со со минатиот месец, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 6,5 отсто којшто произлегува од зголеменото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“, информираат денеска од Народната банка.   

Според податоците на банката, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, бележат месечно и годишно зголемување од 0,7 и 6,3 отсто, соодветно.

-Овој месец, станбените кредити остварија месечен и годишен раст од 0,6 проценти и 10,3 проценти, соодветно. Автомобилските кредити, во февруари се намалија за 2,1 процент на месечна основа, при годишен раст од 10,6 проценти, додека кредитите одобрени на кредитни картички се пониски за 1,8 проценти и 5,7 проценти на месечно и на годишно ниво, соодветно. Во февруари, кај негативните салда на тековните сметки е забележан месечен пад од 0,4 проценти, додека на годишна основа растат за 4,2 проценти. Кредитите одобрени врз други основи остварија месечно и годишно намалување од 2,3 проценти и 21,5 проценти, соодветно, се вели во соопштението од Народната банка.  

Според НБ, во февруари, вкупните депозити бележат месечно зголемување од 0,3 отсто, што, како што велат, во целост се објаснува со растот на депозитите на секторот „домаќинства“, а депозитите на корпоративниот сектор се намалени. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити забележале раст од 9,3 отсто, поради повисоките депозити на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“. 

-Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари бележат месечен пад од 2,6%. Падот, во најголем дел се објаснува со намалените депозитни пари, а во помал дел и на краткорочните депозити, додека долгорочните депозити остварија раст. Во споредба со февруари претходната година, кај депозитите на корпоративниот сектор е забележан раст од 12,3%, во поголем дел поради повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при дополнително позитивно влијание и на останатите компоненти. Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор остварија месечно и годишно зголемување од 1,4% и 5,9%, соодветно, во целост поради зголеменото кредитирање во денари, во услови на минимален пад на кредитите во странска валута, се вели во соопштението.

Во него се додава дека вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, се зголемени за 1,7% во однос на претходниот месец.

-Месечното зголемување во поголем дел е одраз на растот на депозитните пари и долгорочните депозити, при помал раст и на краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута се намалија. На годишна основа, растот изнесува 8,6% и е резултат на зголемените долгорочни депозити и депозитните пари, додека краткорочните депозити остварија пад.   ‒ Во февруари, кредитите на домаќинствата, бележат раст од 0,6% споредено на месечно ниво, којшто во поголем дел се должи на зголемените кредити во денари, при раст и на кредитите во странска валута. Годишното зголемување од 7,2% на кредитите на домаќинствата произлегува од повисокото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута, нагласуваат од Народната банка.  

Од податоците со кои располагаат во Народната банка, паричната маса (монетарниот агрегат М31,2), во февруари 2024 година, остварил раст од 0,1% на месечна основа, како резултат на зголемувањето на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, во услови на забележан пад на депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити. Годишниот раст на паричната маса изнесува 6,5% и пред сè, како што велат, произлегува од повисоките депозитни пари, при помал позитивен придонес и на останатите компоненти. сст/

Остани поврзан