• недела, 24 ноември 2024

Вицепремиерот Димовски во Охрид на работен состанок посветен на потребите од трансформација за системот за справување и управување со кризи

Вицепремиерот Димовски во Охрид на работен состанок посветен на потребите од трансформација за системот за справување и управување со кризи

Охрид, 18 септември 2024 (МИА) – Трансформација на системот за справување со кризни ситуации и начините за подобрување на состојбите по однос превентивното делување беа тема на дискусија на денешниот состанок во Охрид на заменик-претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски и градоначалникот Кирил Пецаков со претставници на надлежните субјекти и служби што беа непосредно ангажирани во справувањето со кризната ситуација предизвикана од пожарите во атарот на Општина Охрид.

-   Летните пожари од сезоната се огледало на нефункционалноста на системот и оттаму потебата од негова трансформација...Потребна е сериозна анализа на причините што доведоа до ситуацијата што се сличи ова лето и врз основа на таа анализа да се изготви стратегија што ќе се изработува етапно. Во таа насока ќе биде потребна измена на неколку закони, изготвување нов закон за пожарникарство, како и проширување на опфатот на институциите и субјектите што ќе бидат вклучени во системот за справување со кризи, рече меѓу другото вицепремиерот Димовски.

Тој како клучна ја посочи и превентивата во справувањето со кризните ситуации, независно за каква непогода станува збор.

-  Овие состаноци се неопходни за да се добие целосна информација, за да биде заокружена таа анализа и полека со Работната група во која се вклучени засегнатите ресори, министерствата и бријните јавни институции и субјекти, професионални противпожарни служби, да се работи на измената на законите и да се постават протоколите за во услови на криза да се знае точно кој што треба да работи, рече Димовски.

Стратегијата ќе се изработува во чекори, како што рече, тоа е долг процес, но оти од година во година државата ќе биде поподготвена за справување со каква било кризна ситуација.

-  Владата веќе одобри одредени финансиски средства за набавка на противпожарна опрема, челични метли, мешини за вода и специјални обувки за дејствување при пожари на терен. Веќе се преземени и активности за селекција и испитување на пазарот за набавка на противпожарни возила и алат за припадниците на противпожарните единици и вработените во националните паркови, рече вицепремиерот.

Во моментов државата располага со три ер-трактори и хеликоптери на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Димовски посочи дека она што државата ќе преземе е тие воздухоплови да бидат во функција и да се обезбедат пилоти што постојано ќе бидат постојано на располагање.

Градоначалникот Пецаков изрази уверување дека од денешниот состанок, на кој присуствуваа претставници на сите субјекти што беа вклучени во гаснењето на двата пожари на отворено во охридскиот регион, ќе произлезат предлози и насоки за промена на легислативата, за ставање во законска рамка на некои институции при вонредни ситуации и можеби пна што е најважно, како што рече, да бидат донесени заклучоци за превентивно дејствување при евентуални идни предизвици.

-  Убеден сум од потребата од ваквите состаноци, оттаму што заклучоците што ќе произлезат нам како локални самоуправи под чија контрола се територијалните противпожарни единици, ќе придонесат на полесен начин да се справиме со сите предизвици, не само при случаи на пожар.  Општина Охрид изминатите години  набави опрема за противпожарната единица, оваа година набавуваме ново возило, а следната година е планирана набавка на над триесеттина комплети опрема за вработените во противпожарната служба, рече Пецаков. аб/лв/

фото/МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан