• четврток, 26 декември 2024

Вицепремиерот Димитров во работна посета на Летонија и Литванија

Вицепремиерот Димитров во работна посета на Летонија и Литванија

Скопје, 21 април 2021 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров утре и задутре ќе престојува во работни посети на Рига и Вилнус, каде на средби со високите претставници на двете земји ќе им ја пренесе пораката за неодложната потреба од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, како прашање од стратешки интерес за регионот и за Европа. За таа цел, ќе ги претстави и конкретните реформски чекори за исполнување на европската агенда дома.

Во рамки на утрешната посета на Летонија, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари средби со министерот за надворешни работи Едгарс Ринкевичс, со претставници на латвискиот Парламент, Рихардс Колс, претседател на Комитетот за надворешни работи и Анда Вита Терауда, претседателка на Комитетот за европски прашања.

Во Литванија, пак, в петок, вицепремиерот Димитров ќе биде примен од премиерката Ингрида Шимоните, како и од министерот за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, а ќе се сретне и со Радвиле Моркунаите-Микулениене, заменик спикерка и претседателка на Комисијата за европски прашања во литванскиот Парламент.

- Балтичката турнеја на Димитров ќе биде заокружена со посета на Естонија на почетокот на мај. Таа е продолжение на серијата посети на Димитров во главни градови на земји членки на ЕУ. Како и во Германија, Словенија, Хрватска, Австрија, така и во овие две балтички земји, кои се дел од групата „Пријатели на проширувањето“, ЗПВ Димитров ќе разговара со високите претставници на Летонија и Литванија во контекст на нивната поддршка за европското досие на Северна Македонија. На средбите Димитров ќе ја пренесе пораката за неодложната потреба од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, како прашање од стратешки интерес за регионот и за Европа. За таа цел, ќе ги претстави и конкретните реформски чекори за исполнување на европската агенда дома, се наведува во денешното соопштение од Секретаријатот за Европски прашања. 

Од СЕП најавуваат дека на средбите ќе бидат разгледани и областите за зајакнување на билатералната соработка за успешно спроведување на европските реформи преку конкретна техничка поддршка, како и продлабочување на регионалната соработка во областите од заемен интерес, изнаоѓање одговор на актуелните глобални безбедносни предизвици и интензивирање на економската и трговска размена. сст/сп/

Остани поврзан