Вицепремиерот Груби на проштална средба со амбасадорката Задорожњук
- Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Украина Наталија Задорожњук.
Скопје, 5 август 2022 (МИА) - Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Украина Наталија Задорожњук.
На средбата се разговарало за актуелната ситуација во Украина, која амбасадорката Задорожњук ја оценила како тешка.
- Северна Македонија се постави на вистинската страна на историјата со тоа што се усогласи со демократските земји во линија на воведување санкции кон Руската Федерација и како членка на НАТО ја осуди руската агресија од самиот почеток бидејќи повеќе нема место во светот, во 21 век за агресија и насилство, се наведува во соопштението од Кабинетот на Груби.
Амбасадорката Задорожњук изразила благодарност за континуираната помош што Северна Македонија ја дава во овој период на криза, вклучувајќи го и приемот на украинските граѓани кои побараа засолниште во нашата земја.
Вицепремиерот Груби уште еднаш ја потврдил силната поддршка на Владата на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, апелирајќи до страните да седнат и да го решат конфликтот по пат на дијалог и дипломатија.
- Груби и Задорожњук разговараа и за важниот чекор што Северна Македонија го направи со почетокот на преговорите за интеграција со Европската Унија и одржувањето на Првата меѓувладина конференција како адекватен одговор на обидите за дестабилизација и идеолошка дезориентација на земјата, исто така статусот на земја кандидат на Украина го опишаа како историски момент и геополитичка смелост предизвикана од руската инвазија, се подвлекува во соопштението.
Заеднички оцениле дека соработката меѓу двете земји треба да продолжи уште посилно во многу области, со посебен акцент на обновата на Украина. цр/са/