• четврток, 26 декември 2024

Вицегувернерката Нацевска на ЕЦБ: Интензивно се работи на  приклучување на земјата кон СЕПА

Вицегувернерката Нацевска на ЕЦБ: Интензивно се работи на  приклучување на земјата кон СЕПА

Скопје, 18 ноември 2023

 

Народната банка интензивно работи на усвојување на регулаторните и техничките стандарди на Европската Унија во платежната сфера за што поскоро приклучување на земјата кон Единствената европска платежна област (СЕПА), посочи вицегувернерката Емилија Нацевска, која учествува на Работилницата за платни системи од високо ниво, во организација на Европската централна банка (ЕЦБ).

Преточувањето на широк сет на директиви и регулативи на Европската Унија во платежната сфера во правниот систем на земјата, кое се ефектуираше на почетокот на оваа година, обезбеди висок степен на усогласеност во правната рамка за приклучување на земјата кон СЕПА. Покрај на усогласување на правната рамка, Народната банка е силно посветена и на примена на техничките стандарди ИСО 20022 во работата на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Станува збор за меѓународен стандард кој обезбедува интероперабилност помеѓу платните системи и овозможува нивно меѓусебно поврзување обезбедувајќи сигурност и ефикасност и на прекуграничните плаќања. Народната банка во соработка со учесниците во МИПС е фокусирана на адаптирањето кон најновиот стандард најдоцна во текот на 2025 година.

Приближувањето кон правните и техничките стандарди на Европската Унија во платежната сфера со поддршка од ЕЦБ има за цел да го забрза и олесни пристапот на земјите од Западен Балкан до СЕПА, кое е од исклучително значење за граѓаните и компаниите, имајќи ги предвид придобивките од ниските трошоци и брзината и ефикасноста со која се извршуваат плаќањата во 36те европски земји членки.

На работилницата учествуваа членови на извршниот одбор на ЕЦБ и гувернери и вицегувернери на централните банки од земјите од Западен Балкан. Ова е прва од четирите работилници од високо ниво, кои се дел од втората фаза на Регионалната програма за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки во Западен Балкан, за што Европската Унија (ЕУ) издвои 3 милиони евра од нејзиниот инструмент за претпристапна помош (ИПА III). 

Кабинет на гувернерот

Односи со јавноста

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан