• четврток, 26 декември 2024

Вицегувернерката Нацевска на дијалогот на ЕУ со Западен Балкан

Вицегувернерката Нацевска на дијалогот на ЕУ со Западен Балкан
Скопје, 27 мај 2022 (МИА)Во рамките на овогодишниот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, во центарот на вниманието беа предизвиците коишто ги донесоа пандемијата и руската инвазија врз Украина, како два последователни надворешни шока. Притоа беа оценети и мерките преземени досега од страна на носителите на политиките за справување со кризите и за зголемување на отпорноста на економиите.

Како што информира Кабинетот на гувернерот Анита Ангеловска-Бежоска, монетарната политика на Народната банка е соодветна и придонесува за одржување на севкупната стабилност.

- Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и здрав, обезбедувајќи кредитна поддршка во текот на закрепнувањето на економијата од пандемичниот шок. Истовремено, тој е клучниот столб на севкупната финансиска стабилност. Еден од главните предизвици за централната банка е растот на инфлацијата, којшто главно е резултат на глобални фактори на страната на понудата. Сепак, во последниот период се видливи и одредени преносни ефекти. Во вакви околности е потребна будност и внимателно следење на цените и на инфлациските очекувања и доколку е потребно, натамошно затегнување на монетарната политика за да се одржи ценовната стабилност на среден рок, се вели во соопштението.

Ова се накусо оцените и препораките за централната банка на нашата држава од заедничкиот дијалог со ЕУ за економијата и финансиите, којшто се одржува секоја година, и е дел од претпристапното усогласување на земјава. Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот.

Вицегувернерката Нацевска посочи дека Народната банка навремено реагира на новонастанатите околности. Последните промени во глобалните економски услови се однесуваат на изразено повисоко ценовно ниво на увезените производи, општа зголемена неизвесност и затегнување на глобалните услови и делуваат врз домашната инфлација, но и врз побарувачката на девизи на девизниот пазар. Заради навремена реакција во врска со инфлациските очекувања и стабилизирање на девизниот пазар, Народната банка во два наврати умерено ја зголеми основната каматна стапка, продолжи со диференцирање на стапките на задолжителна резерва во домашна и во странска валута, а преку активноста на девизниот пазар директно придонесува за одржување на стабилноста на девизниот курс.

Вицегувернерката нагласи дека и покрај потребата за активно управување со овие тековни предизвици, а заради одржување на стабилноста, особено е значајно што Народната банка и натаму работи на реформските активности насочени кон дигитализацијата, поддршка на зелените финансии и финтек-секторот. На ваков начин, централната банка дава свој придонес кон структурната реформска агенда и ја зголемува отпорноста на економијата на шокови. мд/сп/

Остани поврзан