• петок, 27 декември 2024

Вински музеј Кавадарци со околу 13.500 посетители за неполни четири години

Вински музеј Кавадарци со околу 13.500 посетители за неполни четири години

Кавадарци, 3 јули 2024 (МИА) – Вински музеј Кавадарци е посетен од околу 13.500 посетители за неполни четири години, информираше денеска директорката Весела Честоева. Таа истакна дека во овој летен период најголем дел од гостите се од различни делови на светот.

- За првата половина од оваа година имаме евидентирано околу 1.600 гости од земјава и странство, лани бројот на посетители изнесуваше околу 3.500, соопшти Честоева.

Таа нагласи дека расте интересот за посета на овој музеј од страна на заинтересирани туристи, ученици, обични граѓани, љубители на историјата, традицијата и културата на овие простори.

- Со отворањето на две винотеки во склоп на винскиот музеј, посетителите не само што може да уживаат во винската приказна на Тиквешкиот регион како најголем лозаровинарски регион во државата, туку имаат можност и да дегустираат од надалеку познатите тиквешки вина и ракии и да си купат од нив, како и маџун, производ од грозје за кој како и за виното, се верува дека има лековити својства, подвлече Честоева.

Таа го најави и претстојниот гурмански викенд што ќе го организира овој музеј во наредниот период, а на кој ќе се спојат тиквешките вина и ракии со традиционална храна, типична за ова поднебје.

Честоева проговори и за активностите што ќе ги реализираат во средината на месецов, мини детска ликовна колонија, што ќе се организира исто како и гурманскиот викенд, во рамките на кавадаречкото културно лето. свд/ир

Фото: МИА архива

Остани поврзан