• среда, 25 декември 2024

„Вина од Македонија - вовед во македонската винска култура и традиции“ во Будимпешта

„Вина од Македонија - вовед во македонската винска култура и традиции“ во Будимпешта
Скопје, 7 април 2022 (МИА) - На Институтот по славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта денеска се одржа настанот „Вина од Македонија - вовед во македонската винска култура и традиции“ (предавање и дегустација на македонски вина). Настанот беше организиран од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, во соработка со Здружението „Вина од Македонија“ од Скопје, а за македонските вински региони и вина зборуваше докторантката Георгина Једиковска. Једиковска има завршено додипломски студии по лозарство и винарство на Факултет за земјоделски науки и храна при УКИМ, завршила постдипломски студии по хортикултурно инженерство со специјализација по лозарство и винарство при Универзитетот Сент Иштван, Будимпешта, а во моментов е на докторски студии на докторската школа за хортикултурни науки при катедрата за лозарство и винарство на MATE, Будимпешта (Hungarian University of Agriculture and Life Sciences). - На почетокот на своето предавање Једиковска ја претстави Северна Македонија и нејзината винска историја од антиката, па сѐ до денес. Зборуваше за винските региони и нивните специфични карактеристики, автохтоните вински сорти од Македонија и за сортите кои се најзастапени денес. Најмногу внимание од нејзиното излагање предизвика делот во којшто зборуваше за винскиот бон-тон, односно како да се стане професионален дегустатор на вино. По нејзиното предавање присутните имаа можност да пробаа Вранец, special selection од Тиквеш, и Темјаника и Ркацители од винаријата Стоби. На настанот присуствуваа околу 50-тина гости, кои со себе понесоа одлични импресии од предавањето и вината што можеа да ги дегустираат, соопштија од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта. Настанот „Вина од Македонија - вовед во македонската винска култура и традиции“, додаваат, претставува прв од серијата настани предвидени во манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2022“. - Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта во последните неколку години бележи огромен интерес за изучување на македонскиот јазик, бројката на студенти се движи меѓу 35-40 студенти на семестар, се вели во соопштението. мс/лв/

Остани поврзан