• среда, 25 декември 2024

„Вила Аурора“ оди на наддавање со почетна цена од 471 милион евра

„Вила Аурора“ оди на наддавање со почетна цена од 471 милион евра
Рим, 18 ноември 2021 (МИА) - Во Рим се продава „Вила Аурора“, нарекувана и „недвижен уметнички скапоцен камен на италијанската престолнина“. Имотот од 2.800 квадратни метри вклучува и бујна градина, а на еден од таваните се наоѓа единствениот познат мурал насликан од италијанскиот барокен уметник Микеланџело Мериса - Караваџо. Вилата е единственото нешто што остана од селското одморалиште основано 16. век од кардиналот Франческо Марија дел Монте, а подоцна продадено на сегашните сопственици, благородното семејство Лудовизи. Ќе се најде на аукција на 18 јануари со почетна цена од 471 милион евра. По спорот за наследството којшто трае долго, сопствениците решиле да го продадат, а една од сопствениците на имотот е третата сопруга на поранешниот сопственик, принцот Никола Бонкомпањи Лудовизи. Спорот почнал во 2018 година по смртта на принцот. Принцезата Рита Бонкомпањи Лудовизи е родена и израсната во Тексас (САД), но живее во вилата во Италија 18 години. Според неа, соосновачот на „Мајкрософт“ - Бил Гејтс и емирот на Катар некогаш биле заинтересирани да го купат имотот. Во 1597 година, кардиналот Дел Монте, дипломат и покровител на уметноста, му нарачал на Караваџо - тогаш во своите дваесетти години, да го наслика таванот на една соба на првиот кат, која ја користел како „алхемиска лабораторија“. Муралот широк 2,75 метри е насликан со масло директно на ѕидот, а ги прикажува боговите Јупитер, Нептун и Плутон и алегорична сцена на претворање на оловото во злато. Караваџо ги насликал трите бога по сопствен лик. Вредноста на самиот мурал се проценува на 310 милиони евра. Заштитена со високи ѕидови, вилата се наоѓа во близина на познатата римска улица „Венето“, каде во 1960 година е снимен филмот „Долче вита“ (La Dolce Vita) на Федерико Фелини. Зданието е полно со скулптури, антиквитети и статуи, вклучително и онаа со ликот на Пан, чијашто работа му се припишува на ренесансниот мајстор Микеланџело.

Остани поврзан