• недела, 01 септември 2024

Викенд населбата на Попова Шапка има 116 дивоградби, Касами чека ДУП да преземе мерки

Викенд населбата на Попова Шапка има 116 дивоградби, Касами чека ДУП да преземе мерки

Тетово, 10 октомври 2023 (МИА) - Градоначалникот на Тетово Биљал Касами најави дека општинската администрација е пред крај со процедурата да се изготви Детален урбанистички план (ДУП) за Попова Шапка. Меѓу неколкуте стотици викендички има 116 евидентирани дивоградби.

- Каде што ќе може да се легализираат, ќе се легализираат. За тие што ќе останат ќе преземе мерки. ДУП-от е во завршна фаза, информациите се дека предлогот е пуштен до Министерство за транспорт, имаат некои забелешки кои со планерот ќе бидат исправени. Се надевам дека брзо ќе го имаме и завршниот предлог и со тоа ако нема некои пречки до крај на оваа година ќе имаме можност да го усвоиме во Советот и од следната сезона од пролет да можеме да ги тераме сите процедури за да тие што се заинтересирани да можат да градат и да инвестираат, рече Касами.

Согласно новиот ДУП се предвидени и нови паркинг места.

- Новиот пристапен пат во текот на сезоната ќе биде користен, една лента ќе биде за паркирање, и ќе се користи како еднонасочен пат и нема да биде блокиран патот како што беше досега. Инвестициите што се преземаат од општината се во делот на олеснување на пристапот на туристите. Поради тоа што немаше план, не можевме да дадеме дозвола за градење катни гаражи. Сега со новиот план ако има приватни инвеститори ќе се даде дозволи за градење на катни гаражи, најави тетовскиот градоначалник.

На една од улиците во викенд населбата на Попова Шапка денес започна да се отстранува оштетениот асфалт, а градоначалникот Биљал Касами најави дека додека има временски можности ќе се работи на обнова на коловозните ленти. ас/ир

 

Фото: МИА 

Остани поврзан