• вторник, 24 декември 2024

Викендот заврши мастеркласот на Мила Турајлиќ, петтото издание на МакеКоПроДокс форумот до 23 август

Викендот заврши мастеркласот на Мила Турајлиќ, петтото издание на МакеКоПроДокс форумот до 23 август

Скопје, 21 август 2023 (МИА) - Мастеркласот со режисерката Мила Турајлиќ беше дел од програмата на 14. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ што се одржа на 20 август. Исто така, се одржа и проекцијата на нејзиниот филмски диптих „Досие: Лабудовиќ“, а беа прикажани документарните филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“. Главен протагонист во филмовите е Стеван Лабудовиќ, кој своевремено работел во „Филмски новости“ и бил личниот снимател на патувањата на Јосип Броз Тито.

Како што најавија од „Македокс“, утре во МКЦ ќе бидат презентирани 11 проекти во различни фази на продукција од Балканот, меѓу кои и два македонски, кои ќе имаат пичинг и еден-на-еден состаноци со филмски професионалци и гости на фестивалот.

Мастеркласот со Мила Турајлиќ, што се одржа во Даутпашиниот амам, го водеше францускиот продуцент Виктор Еде. На почетокот Мила зборуваше за својот досегашен принцип на работа, објаснувајќи дека првите филмови ги направила со пријатели и во кругот на своето семејство.

- Филмот е дел од мојот живот и многу ми беше тешко да работам со луѓе кои не се дел од мојот пријателски или семеен круг, рече Турајлиќ.

Подоцна со зголемувањето на обемот на обврските кон филмовите што ги правела почнала да вклучува и други соработници кои би можеле во вистинска смисла да помогнат во креацијата на остварувањата. Така, на најновите два филма биле вклучени две француски монтажерки кои не го разбирале српскиот јазик. Токму тој факт Турајлиќ го искористила во правењето на драматургијата на приказната како филтер за селекција на кадри од преобемниот материјал.

Имајќи предвид дека првиот филм на Турајлиќ „Синема комунисто“ (2010) беше посветен на кинематографијата во поранешна Југославија, беше поставено прашање дали нејзина цел е правење филмови за државата што веќе не постои. Турајлиќ одговори дека со двата нови филмови сакала да го забележи моментот кога во нејзиниот роден град Белград се случил големиот настан на основањето на Движењето на неврзаните во 1961 година, кое тогаш се појавило како отпор во Студената војна помеѓу Истокот и Западот, а целта на филмовите е да потсети дека некогаш имало идеја за Третиот свет.

Во филмот „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ се опфатени пет клучни точки од основањето на Движењето на неврзаните, додека во вториот филм „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ приказната се одвива на територијата на Алжир за време на ослободителната борба против колонијализмот.

Во сите овие 15 години се обидувам да ги слушнам шепотењата од светот и да ги забележам во моите филмови – заклучи режисерката Мила Турајлиќ.

Инаку, петтото издание на МакеКоПроДокс форумот се одржува од 21 до 23 август во Младинскиот културен центар.

Во текот на првиот ден, во рамките на МакеКоПроДокс форумот, покрај презентацијата на резултатите од работилницата за монтажа, се одржа и панел-дискусија за филмските копродукции со акцент на релациите помеѓу монтажерите и продуцентите. Панелот го модерираше продуцентот и поранешен момтажер Виктор Еде (Франција), а учествуваа Јелена Максимовиќ и Драган Вон Петровиќ, монтажери од Србија, и продуцентот Рок Бицек од Словенија.

Монтажерот Драган Вон Петровиќ посочи дека природната релација во креацијата на документарните филмови е помеѓу авторите и монтажерите, а продуцентите се присутни за да обезбедат финансиска поддршка за проектот. Истакна и дека документарните проекти добиваат средства од државни фондови и агенции и дека мора да е присутна одговорноста на сите учесници во процесот кон јавните пари, кои се наменети за правење уметност, а не за правење филмови „за по дома“.

Како трет сегмент од првиот ден на петтиот МакеКоПроДокс форум беше учеството на претставници од балканските филмски центри кои имаа презентација на можностите за копродуцирање на филмски проекти. Секоја агенција, филмски центар или фонд има свој систем на работа и различен пристап кон поддршката на мнозинските и малцинските копродукции и затоа беше важно тие да бидат посочени пред филмските автори присутни на 14 „Македокс“.

Годинава фестивалот „МакеДокс“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура, Институтот „Јунус Емре“ - Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Амбасадата на Кралството Шпанија, Францускиот институт, Грчкиот културен центар, Данскиот филмски центар, МЕДИА деск МК, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Факултетот за ликовни уметности, Националната галерија на РСМ, такси „Глобал“. бт/нд/

Фото/ „Македокс“

Остани поврзан