• среда, 27 ноември 2024

Виена и Скопје се за старт на преговорите во декември, според Софија рокот е нереален

Виена и Скопје се за старт на преговорите во декември, според Софија рокот е нереален
Скопје, 19 ноември 2021 (МИА) - Австрија се загала за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ уште во декември, и тоа интензивно го бара од партнерите во Унијата. За Скопје декември сѐ уште останува добар прозорец за отпочнување на преговорите со ЕУ, Софија пак наговестува дека 14 декември не е реалистичен рок за постигнување на целосен договор за разликите. – Оној што го исклучува Западниот Балкан, ја ослабува Европа. Ние се заложуваме и ќе продолжиме да се заложуваме за тоа уште во декември да почнат преговорите. Тоа е нашето барање и тоа барање го поставуваме пред нашите партнери во Европската Унија и тоа интензивно, порача вчера австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Скопје. Министерот Османи, пак, истакна дека земјава се наоѓа во еден исклучително важен период за својата европска интеграција и на целиот регион. - Му кажав на министерот дека во Северна Македонија и во нашето досие лежи клучот за деблокирање на целиот регион, бидејќи оттука треба да почне деблокирањето на регионот преку започнување преговори со Северна Македонија и Албанија што потоа ќе ги охрабри и другите држави да ги решат споровите со цел регионот да се движи во европски правец и да стане дел од ЕУ, рече Османи. Тој додаде дека декември сѐ уште останува добар прозорец за отпочнување на преговорите со ЕУ, што е многу важно, не само за нашата приказна, туку за кредибилитетот на европската иднина, но вели, тоа ќе зависи од тоа дали во Софија ќе биде избрана нова влада.
- Се надевам дека ќе биде декември, но тоа ќе зависи дали Република Бугарија ќе има нова влада и дали тие може да донесат одлука и добра одлука. Како што гледав вчера, 26 земји членки на ЕУ мислат дека токму декември е моментот кога треба да се започнат преговорите за нашата држава. И не само земјите членки, но во институциите на ЕУ го гледав ова, овој став дека декември треба да е токму овој период и дали тоа ќе биде месец дена пред, после тоа, тоа ќе зависи од кога Република Бугарија ќе има нова влада, додаде Османи.
Во однос на дијалогот со Бугарија, шефот на дипломатијата цени дека од Софија по изборите доаѓа најава за еден порационален пристап дека фокусот на односите меѓу двете земји треба да биде на сегашноста и иднината, а помалку на минатото, а тоа е, вели, и решението за разликите.
– Јас не би влегол во толкување на ставот на лидерот на победничката партија во Република Бугарија, меѓутоа мислам дека целиот тон оди во еден порационален пристап, дека сепак фокусот на односите со Република Бугарија треба да биде за сегашноста и за иднината, а помалку за минатото. И мислам дека тоа е решението и на разликите и доколку само го менуваме пристапот во тој правец, леќата да ја свртиме кон сегашноста и иднината ќе видиме дека сите прашања се лесно надминливи и ќе можеме да почнеме заеднички да се движиме кон едно трајно, одржливо добрососедство и заедничка европска перспектива, но и перспектива во Сојузот на НАТО во којшто сме заедно, рече Османи на новинарско прашање во однос на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања и најавите од најверојатниот иден мандатар за состав на новата бугарска блада, Кирил Петков разговорите да се прошират не само на историски, туку и на теми за економијата, инфраструктурата…     И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека македонскиот народ заслужува датум за почеток на преговори и големо ќе биде разочарувањето ако и во декември нема датум. Според него, барањето за предвремени парламентарни избори и датумот за почеток на преговори со ЕУ не се поврзани, затоа што избори треба да има што поскоро, бидејќи, вели, владата на Заев беше делегитимирана. – Јас сум оптимист за декември и сакам да се случи датумот, овој народ го заслужува тој почеток на преговори. Не е прашање дали Димитров ќе ги брои неделите или месеците кога ќе се случи тој датум. Во Брисел треба се состане Европскиот совет, да заборави на уцените кои доаѓаат од кај нашиот источен сосед и иднината која што треба заеднички да ја градиме во Европа да ја градиме, а не да се враќаме два века наназад, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата во општина Гази Баба.

Даниел Лорер од коалицијата „Промената продолжува“, кој се смета за најсериозен кандидат за министер за надворешни работи во новата влада во Софија, смета дека 14 декември не е реалистичен рок за постигнување на целосен договор со Северна Македонија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Лорер ако биде оставена единствено историјата да ги движи преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија, тоа нема да биде доволно добар резултат и за двете страни и додава, дека ќе бидат отворени и дополнителни дискусии во однос на економскиот напредок меѓу двете земји.

– Почитувањето на правата на македонските Бугари е од првостепено значење, рече тој и посочи дека претстојат преговори врз база на факти, а не на шпекулации доколку тие права биле повредени. А разговорите за историјата ќе се движат напоредно, така што и Софија и Скопје ќе бидат задоволни, додаде Лорер во изјава за „БТВ“ радио. Тој оцени дека заедничката историска комисија меѓу Скопје и Софија не предлага напредок и двете страни се чувствуваат незадоволни од тоа што се случува и треба да биде пронајдена нова формула. Нејзина функција, вели тој, треба да биде за да помага, но не да биде и единствена во тој процес. Македонски и бугарски политички аналитичари и познавачи на состојбите на Балканот во анализа за МИА оценуваат дека победничката коалиција на изборите во Бугарија, Промената продолжува (ПП) има капацитет и визија за формирање влада, но ги чекаат тешки преговори со коалициските партнери – Бугарската социјалистичка партија (БСП), Демократска Бугарија (ДБ) и Има таков народ (ИТН). Сепак, оценката е дека новата влада не се очекува пред крајот на декември, што го стеснува просторот за повлекувањето на ветото за страт на преговорите на земјава со ЕУ до крајот на годинава и покрај најавениот нов пристап во разговорите со Скопје. вг/са/

Остани поврзан