• недела, 24 ноември 2024

Видео средба Османи - Кофод: Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Северна Македонија

Видео средба Османи - Кофод: Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Северна Македонија
Скопје, 13 ноември 2020 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари видео средба со министерот за надворешни работи на Кралството Данска Јепе Кофод. Главна тема на разговорот, како што соопшти Министерството за надворешни работи, биле европските перспективи и очекувањата, до крајот на оваа година, да се одржи Првата меѓувладина конференција. Во таа смисла, министерот Османи ги поздравил заложбите на Данска за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ, според воспоставените критериуми и се заблагодарил за принципиелната поддршка за евроатланската и европската перспектива на Република Северна Македонија. Данскиот МНР Кофод ги поздравил остварените резултати на нашата Влада, со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја подвлекол нужноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели. Тој порачал дека Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Република Северна Македонија со верба дека наскоро и формално ќе отпочнат преговорите за пристапување во ЕУ. На разговорот, додаваат од МНР, биле разгледани можностите за натамошно интензивирање на соработката, имајќи ги предвид потенцијалите во повеќе сфери од заемен интерес, како и предизвиците за справување со пандемијата, нелегалната имиграција и актуелните состојби во Регионот. мс/ац/

Остани поврзан