• недела, 24 ноември 2024

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Охрид, 12 август 2023 (МИА) – Музичката програма на годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со украинската вечер во чии рамки ќе одржи солиситички концерт на пијанистот, маестро Алексеј Ботвинов. 

Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист повеќе од 300 пати ги има изведено „Голдберг варијациите“ на Бах.

Ботвинов има концертирано на сцени во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.

Во ноември 2015 година Ботвинов беше прогласен за Народен уметник на Украина - највисоко национално уметничко признание, а истата година го основа Меѓународниот фестивал „Одеса класикс“ чиј претседател и уметнички директор е токму тој. Од неговото основање  па до денес, фестивалот има сензационален успех и станува еден од најзначајните фестивали во Украина и еден од водечките фестивали во Европа.

Во 2020 година Алексеј Ботвинов е одликуван со орденот „Ѕвезда на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија, а истата година ја добива и наградата „Вилијам Тел“ што му ја доделува Швајцарската влада.

Во 2021 година Ботвинов започнува соработка со виолинистот Даниел Хоуп со кој има снимено це-де за продукциската куќа „Дојче Грамофон“ со музика на Алфред Шнитке. По успехот на ова издание, овие двајца уметници повторно соработуваат во 2022 година снимајќи це-де во добротворни цели со наслов „Музика за Украина“, а подоцна истата година снимаат и издание посветено на музиката на украинскиот композитор Валентин Силвестров. Последното снимено издание на Ботвинов што ги содржи третиот концерт на Филип Глас и Двојниот концерт на композиторот Тан Дун треба да биде промовирани ова лето.

За настапот на маестро Ботвинов е резервирана сцената на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се Бах, Шопен, Брамс, Скорик, Силвестров, Караманов и Рахмањинов. аб/аа/

фото/„Охридско лето“

Остани поврзан