• понеделник, 07 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Гевгелија концерт на пијано на Дуо „Гелебешеви“

Во Гевгелија концерт на пијано на Дуо „Гелебешеви“

Гевгелија, 1 април 2025 (МИА) - Дуото „Гелебешеви“ вечер ќе одржи концерт на пијано во хотел „Аполонија“, во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.

Како што соопштија од Општината, на концертот ќе бидат изведени следните дела: Увертира кон операта „Поетот и селанецот“- Ф. Фон Супе, Увертира кон операта „Танхојзер“- Р. Вагнер, Увертира кон операта „Страчката грабливка“- Џ. Росини и 6 пиеси од С. Рахмањинов: „Баркарола“, „Скерцо“, „Руска тема“, „Валс“, „Романса“ и „Слава“.

-Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти-Катерина Костадиновска Гелебешева и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разнолики уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина-Пијано Дуо „Гелебешеви“, препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за посебно талентирани и врвно подготвени уметници кои со своите инспиративни интерпретации умеат да го задржат вниманието и на најпребирливата публика, се наведува во најавата за вечерашниот концерт.

Инаку, Дуото „Гелебешеви“ претставува реномирен камерен ансамбл во Македонија што континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“.

Од 2005 година, со настапот на Светскиот ден на музиката во Париз, пијано-Дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следат, се редат успешни концертни турнеи во Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција.

За својата плодна концертна дејност Дуото е добитник на наjвисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година. Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во земјава и во странство и реализација на две ЦД изданија. рт/сст/

Фото: Општина Гевгелија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан