• четврток, 26 декември 2024

Вечерва почнува 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал

Вечерва почнува 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Вечерва започнува 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал со проекција на шпанско-аргентинската копродукција „Затвори ги очите“.

Со почеток во 20:30 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката на С. Македонија, посетителите ќе можат да ја проследат македонската премиера на енигматичниот и вдахновен поетски филм на 83-годишниот шпански режисер Виктор Ерисе.

Во свечениот дел пригодни обраќања ќе имаат Андреј Медиќ Лазаревски, главен координатор на 14. Филозофскиот филмски фестивал Н. Е. Хосе Луис Лосано Гарсија, амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје и проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на Официјалната селекција на долгометражни филмови на Фестивалот.

-Впрочем, со ова ќе започнат и проекциите на филмовите од Официјалната селекција на долгометражни филмови, во која за наградите „Златен був“ (од жирито и публиката) ќе се натпреваруваат 5 (пет) филмови. Жирито годинава го сочинуваат: професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Славица Србиновска, српскиот филозоф Иван Миленковиќ и режисерот Јане Спасиќ), велат организаторите.

„Затвори ги очите“, додаваат, е богат и вдахновено поетски филм кој, според зборовите на самиот режисер, е нежна ода за идентитетот и сеќавањето.

-Едноставната елеганција на филмскиот ракопис и препознатливо одмерениот, многуслоен наратив се уште една потврда на фактот дека Ерисе одамна си има резервирано место во вишите редови на европскиот режисерски пантеон: и на 83 години, 31 година по неговиот последен филм, демонстрира вештина на стар мајстор и свежина на талентиран дебитант. Првото му дава за право да сними длабок филм за загубата и минатото; второто, пак, храброст да експериментира со структурата за да избегне фетишизација на тагата и да се фокусира на она што следува по неа – реакцијата, справувањето, спомените, се вели во соопштението.

„Затвори ги очите“ годинава бил учесник на многу фестивали ширум светот, а својата долго најавувана и нетрпеливо исчекувана премиера ја имаше лани, на Канскиот фестивал.

Освен Официјалната селекција за долгометражни филмови, оваа година на публиката ќе ѝ бидат прикажани: 16 филмови од Официјалната селекција на краткометражни филмови (исто така во конкуренција за две награди „Златен був“), три филма од Ревијалната програма, секој проследен со излагање од гостин на тема поврзана со филмот и дискусија со публиката, и четири видеоесеја, во рамки на новоотворената Селекција на видеоесеи.

Придружната програма е посветена на американската режисерка Маја Дерен, и ќе бидат прикажани шест нејзини видеоесеи. Како дел од Придружната програма, нашиот гостин од Србија, Иван Миленковиќ ќе одржи предавање на Филозофскиот факултет при УКИМ. Вреди да се потенцира и издавачкиот дел на Фестивалот, во чии рамки се најавени зборникот „Филозофија и филм 2“ и
преводот на „Запечатено време“ од Андреј Тарковски.

Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страна на фестивалот: philosophicalfilmfestival.mk. сст/ац/

фото Филозофски филмски фестивал

Остани поврзан