• среда, 25 декември 2024

Вечерва неформална трилатерална средба Гутереш-Христодулидис-Татар во Њујорк

Вечерва неформална трилатерална средба Гутереш-Христодулидис-Татар во Њујорк

Атина, 15 октомври 2024 (МИА) – Претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар, заедно со генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш денеска ќе одржат трилатерална неформална средба во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипарскиот претседател во пресрет на неформалната вечера беше во Лондон каде што се сретна со британскиот премиер Кир Стармер, а по средбата изрази задоволство за иницијативата на генералниот секретар на ОН, посочувајќи дека „нема посилна индикација за неговата политичка волја, за неговата посветеност за напредок во кипарското прашање“ и паралелно го повтори ставот на Никозија.

-Можам со сигурност да ви кажам дека ќе направам сè што е можно и да има позитивен резултат. А за мене позитивен резултат, за нас позитивен резултат не може да биде ништо друго освен одново започнување на разговорите, на суштински разговори, за решение на кипарското прашање. Многу добро знаеме каде сакаме да одиме. Многу добро ги знаеме нашите цели и подготвени сме да ги започнеме разговорите. Само ако седнеме на преговарачка маса ќе можеме со поголема сигурност да ги видиме изгледите за решавање на кипарското прашање. За нас сегашната состојба не може да биде решение за кипарскиот проблем, истакна Христодулидис.

Од друга страна, претседателот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар, Ерсин Татар пред заминувањето за Њујорк одржа прес-конференција на која посочи дека неформалната вечера нема агенда, истакна дека не можат да прават компромис „за суверенитетот на народот на кипарските Турци“ и посочи дека преговорите за решение засновано на федерацијата се водат повеќе од половина век, „испробани беа преку различни процеси, но не успеаја и сега се исцрпени“.

-Не можеме да правиме компромиси за нашата држава и суверенитет. Ако го направиме тоа, во иднина нѐ очекуваат големи опасности. Реално и одржливо решение за две држави, кое се заснова на кооперативниот однос на двете страни е исходот што го посакуваме. Тоа е патот до одржлива иднина од кој ќе имаат корист и кипарските Турци и кипарските Грци и регионот, рече Татар.

Преговорите за кипарското прашање беа прекинати во јули 2017 година кога во Кран Монтана не беше постигнато решение. ср/

Остани поврзан