• четврток, 26 декември 2024

Ветеровски: Високата усогласеност во поглавјето Царинска унија значи побрз транспорт и пристап до европските фондови

Ветеровски: Високата усогласеност во поглавјето Царинска унија значи побрз транспорт и пристап до европските фондови

Скопје, 29 декември 2023

Високата усогласеност со законодавството на ЕУ, овозможува пристап до европските претпристапни фондови за развојни проекти. Во изминатите десет години се искористени околу 35 милиони евра за проекти што овозможија забрзан транспорт и трговија, а со средства од ЕУ, ќе се отворат и два нови гранични премини. Високата усогласеност на законодавството е нотирана и во делот на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за поглавјето Царинска унија со коешто раководи Царинската управа. Поглавјето за Царинската унија е едно од клучните во процесот на преговори, бидејќи го опфаќа процесот на слободно движење на стоки и размената која што треба да се случи со земјите членки на Европската Унија. Ова го нагласи помошник директорот на Царинска управа, Златко Ветеровски во интервју за Рацин.мк. 

„Погодностите од пристапот до европските фондови значи можност за побрз проток на стоките и на патниците. ЕУ го нуди концептот на т.н паметни граници, односно во иднина со новиот компјутеризиран транзитен систем стоките ќе влегуваат во ЕУ со QR код.  За компаниите, погодноста е тоа што тие немаат никакви давачки, во поглед на увозот кон Европската Унија, а со процесот на Овластен економскиот оператор и постапката за меѓусебно признавање со ЕУ ќе биде овозможено оние компании што имаат статус на доверливи компании да не подлежат на дополнителни контроли. Целта е транспортерите да можат побрзо да ги транспортираат стоките во период кога се соочуваме со енергетска криза, со транспортни кризи, а знаеме дека сме ние први соседи на ЕУ, тоа за компаниите ќе значи многу поголеми можности за нови пазари, за нови купувачи и за поголем економски раст и развој“, вели тој. 

Процесот на реформи и прилагодување значи многу за нас како држава, како за економските оператори, така и за граѓаните, бидејќи колку поблиску сме усогласени со европското законодавство и кон процесот на реформи, толку се поголеми погодностите за македонските компании. Ова, со оглед на тоа што 65 проценти од вкупната надворешна трговска размена се случува со земјите членки на Европската Унија и од таму е за нас клучно да имаме што повисок степен на усогласување и што подобро применување на тие практики.

Во делот на висината на царинските стапки, Ветеровски потенцира дека имаме 100% усогласување со комбинираната номенклатура на ЕУ, меѓутоа како што додава, „во процесот на приговори ние ќе мора да ги прифатиме царинските стапки во висина кои што се еднакви со оние на Европската Унија“. 

„Тоа практично значи дека за определени производи ќе има понатамошно намалување на стапките на царина, што во крајна линија ќе значи поевтини стоки за граѓаните и поевтини суровини за компаниите. Така да процесот бара големо вложување во поглед на интелектуален напор и на усогласување во процесот на дигитализација, набавка на софтвер и хардвер, меѓутоа крајната цел треба да биде поголем пристап до пазарот на ЕУ и поголема можност за увоз и извоз“, вели тој.

 

Фото: Царинска управа

Царинска управа

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан