• среда, 13 ноември 2024

Ветеринарна комора: Во случаи како авијарна инфлуенца, нужно е да се преземат драстични мерки за елиминирање на изворот и ширење на заразата

Ветеринарна комора: Во случаи како авијарна инфлуенца, нужно е да се преземат драстични мерки за елиминирање на изворот и ширење на заразата

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Ветеринарната комора на Република Северна Македонија во целост ги поддржува сите активности и мерки преземени од надлежните органи во врска со последните настани, поврзани со откривањето на авијарна инфлуенца кај птица во Скопската зоолошка градина.

- Во целост разбирајќи ја сензитивноста на поединци и групи во врска со третманот и благосостојбата на животните за кои искрено и принципиелно се залагаме и се дел од нашата професионална етика и пракса, укажуваме до јавноста дека ветеринарно-здравствениот систем има примарна цел да ги заштити здравјето на луѓето, животните и економијата во државата. Следствено, во услови на појава на особено опасни заразни болести со голем потенцијал да го загрозат јавното здравје, како што е во случајот авијарната инфлуенца, нужно е да се преземаат драстични мерки за елиминирање на изворот и ширење на заразата, се наведува во соопштението од Ветеринарната комора.

Процедурите и мерките во случаи на појава на заразни болести зооантропонози - болести што од животни преминуваат на луѓе, како што се додава, се утврдени од меѓународни институции и треба доследно да се спроведуваат.

- Во врска со ова, потенцираме дека некои соеви на вирусот на авијарна инфлуенца се нотирани од светската наука, како причинители на заразни болести со најголем потенцијал за нова светска пандемија. Имајќи го предвид сево ова, повикуваме на смиреност и општествена одговорност на сите чинители во општеството, без создавање на клима на недоверба и попречување на активностите на институциите задолжени да го чуваат јавното здравје и здравјето на животните, истакнуваат од Ветеринарната комора. бд/дма/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан