• сабота, 21 декември 2024

Вес Бентли за зависностите и како Хит Леџер го натерал на трезност

Вес Бентли за зависностите и како Хит Леџер го натерал на трезност

Лос Анџелес, 3 мај 2023 (МИА) - Холивудскиот заводник Вес Бентли проговори за својот најлош период и губењето речиси сѐ во „виорот“ на зависноста од дрога. Сега 44-годишниот глумец, можеби најпознат по оскаровскиот филм „Американска убавина“ (American Beauty) од 1999 година, за списанието „Мен'с хелт“ (Men's Health) искрено зборува за своето минато, и како блискиот пријател Хит Леџер го натерал да се отрезни.

- Завршив по патот на кокаинот и хероинот. Тешка дрога. Тешка забава. Вие сте во клубови и потоа на забави, а таму има и кокаин, па на крајот и хероин... Изгубив сè во тој „пожар“ (зависноста, б.п.). Немав автомобил, немав облека, немав пари - имав долг од 400.000 долари, се сеќава Бентли.

Откако се пресели во Холивуд, тој почнал да зема и печурки и кетамин, и иако тоа сега може да биде „лесен лек“ за психичката состојба кај некои луѓе, тоа не беше за него. Психоделичните средства само го воделе кон повеќе лекови и „најдалеку“ кон дното.

Пред зависноста, Бентли го сними филмот „Четири пердуви“ во 2002 година со Хит Леџер и биле блиски пријатели до прераната смрт на оскаровецот во 2008 година. Бентли, сепак, ја прескокна комеморацијата за Леџер затоа што бил издрогиран.

- Се обидов да одам, но бев навистина во хаос и знаев дека тоа не е в ред... Тој човек ме сакаше. Настрана моето семејство, никогаш не сум почувствувал љубов од некој како него. И не му беше важно каков сум, или за глупавите работи што ги правам. Тој само сакаше да бидам подобро. Секогаш го сметав за брат и би сакал да можев да му вратам за сѐ тоа, вели Бентли.

Бентли во солзи се присети како Леџер, кусо пред својата смрт, преку е-пошта го молел да се отрезни.

- И тоа не ме прави да се чувствувам полошо. Ме прави да се чувствувам подобро. Затоа што знам дека го сакам и навистина го сакав, но што ќе преземам од тој однос е - сега треба да им покажете на луѓето дека ги сакате, секој ден. Дури и кога сте им лути, дури и кога тие грешат... Кажи им дека ги сакаш, затоа што тоа значи повеќе отколку што мислиш, за тебе и за нив. А, јас не го правев тоа доволно добро со него, заклучи Вес.

По речиси едно десетлетие минато во маката на зависноста, Бентли сега е трезен и оженет, со две деца. Во мигов е актуелен со „Јелоустон“ (Yellowstone) и го глуми Џејми Датон, покрај своите колеги Кевин Костнер (политичарот Џон Датон), Кели Рајли и Лук Грајмс. Серијата на ИМДБ има оценка 8,7 / 10, од 175.000 гласови на гледачи. Последните епизоди ќе бидат објавени подоцна годинава.  си/

Фото: ИМДБ.

Остани поврзан