• среда, 18 декември 2024

Весник „Илинден“: „Ексклузивно: Меѓу измислените Бугари во Албанија повеќето Албанци“

Весник „Илинден“: „Ексклузивно: Меѓу измислените Бугари во Албанија повеќето Албанци“
Тирана, 5 септември 2022 (МИА) - Македонскиот весник „Илинден“ во електронското издание попладнево објави текст под наслов „Екслузивно: Меѓу измислените Бугари повеќето Албанци“, пренесувајќи податоци за пријавени Бугари во Албанија за гласање за претстојните избори во Бугарија, во кој, како што наведува повеќето се Албнци по етничка припадност. -На 2 октомври 2022 година во Бугарија се гласа за избор на народни претставници за бугарското Собрание. За таа цел, согласно член 31, ал. 1 во врска со член 32 од Изборниот законик на Бугарија, бугарските државјани кои живеат надвор од Бугарија имаат обврска да се пријават за гласање во акредитираните центри за гласање, стои на почетокот на написот. Се додава дека за разлика од пријавените за гласање во бугарската амбасада во Тирана за изборите на 4 април 2021 година, кога за гласање беа пријавени само 15 лица, од кои повеќето вработени во амбасадата, сега бројот е поголем. -Овој пат, на списокот за гласање, не во бугарската амбасада, туку преку интернет страната, се пријавиле 205 новопечени Бугари во Албанија, но повеќето Албанци. Така во Драч, од ниту еден Бугарин во април 2021 година веќе во септември 2022 година „национално се осознале“ 40 Бугари, во Елбасан 48, во Корча 43, во Кукс 53, додека во Тирана 21. Ваквиот раст на „ново национално осознаените“ Бугари во рок од само година и пол, веројатно е податок за во Гинисовата книга на рекорди, во категоријата „верувале или не“, констатира весникот. За потсетување, се наведува понатаму, ќе кажеме дека во 2008 година беше подготвена бугарската стратегија со наслов Бугарската политика кон Република Македонија („Bulgarian Policies on the Republic of Macedonia“) подготвена од повеќемина бугарски научници, под водство на Љубомир Иванов. -Во таа стратегија има еден дел и за делувањето на бугарската пропаганда меѓу Македонците во Албанија и Косово. Во него се предвидува дека „…Бугарија треба да го зајакне присуството меѓу Бугарите во Албанија и Косово, вклучително и преку спонзорирање заеднички невладини проекти. Потоа треба да ги олесни процедурите за доделување на бугарско државјанство и универзитетски стипендии за поединци со бугарско потекло, и треба веднаш да започнат преговори за формално признавање на бугарското малцинство во двете земји“, се наведува понатаму во написот. Се посочува дека „тоа што Бугарите го зацртале во 2008 година, темелно и со многу финансии, со знаење и амин на Европа, го спровеле во 2017 година“. -Тогаш, со уцени врз албанското политичко раководство, Бугарите без ниту еден изјаснет Бугарин на било кој попис во Албанија, албанската елита ги впиша Бугарите како малцинство во Албанија. Од тогаш до денес Бугарите се однесуваат како европски галеничиња кои заплашуваат, подмитуваат, рекетираат, уценуваат цели држави, а европските демократи сето тоа не само што не го санкционираат, туку и го поддржуваат. Во спротивно, европските вредности ќе важат и за Македонците во Албанија, дел од кои се присилувани да се „самоосознаваат“ на старост како Бугари. Секому е јасно дека ваквите изнудени „осознавања“ се поткрепени со големи материјални средства од страна на бугарската држава, потоа со бројни стипендии за младите Македонци кои за да ја „заслужат“ стипендијата треба да се откажат од своите македонски корени, како и со други бенефиции штедро нудени од бугарската политичка елита во било кој состав, стои во написот. Како и да е, според весникот, „останува нејасна една состојба која ја забележуваме во Тирана“ а тоа е иако во главнот град е концентриран најголем процент од населението во Албанија, таму „најмалку лица се пријавиле за гласање, а голем дел од пријавените се вработени во бугарската амбасада“. -Исто така, паѓа во очи дека меѓу пријавените во Тирана, до сега го нема лицето Хаџи Пируши. Тој е гласен во тврдењата дека Бугарите во Албанија се бројно малцинство, човек кој се залага за самоосознавање на сѐ повеќе Бугари во Албанија и човек кој е претседател на друштвото „Prosperiteti Goloborda”(Просперитет Голо Брдо), кое пропагира бугарштина во Албанија барем досега не се наоѓа на списокот на Бугарите за гласање на бугарските избори, се тврди во написот. Сето ова, оценува авторот на написот, е еден јасен показател дека „новоосознаени“ Бугари има во места каде никогаш немало никакви исполувања на било какви бугарски чувства. -Но, големите финансии вложени во бугарската пропаганда, кон кои се приклучија сите Бугари, од претседатели до чувари, очигледно вложиле со плод, заклучува на крајот на написот, во кој објавени се и списоци на бугарската Централна изборна комисија, на, до сега, пријавени лица за гласање во Албанија, се наведува во текстот на весникот „Илинден“. вт/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан