Верстапен со загрижувачко предвидување за Ред Бул
- Светскиот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, по завршувањето на тестирањата во Бахреин објасни дека не очекува Ред Бул да го има најбрзиот болид за почетокот на сезоната во Австралија за две недели.

Бахреин, 28 февруари 2025 (МИА) - Светскиот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, по завршувањето на тестирањата во Бахреин објасни дека не очекува Ред Бул да го има најбрзиот болид за почетокот на сезоната во Австралија за две недели.
Во последните четири сезони, Ред Бул ја започнуваше секоја кампања како голем фаворит, а во 2022 и 2023 година Макс уживаше во огромна предност во однос на болидите на неговите ривали. Минатата година започна победнички за Верстапен и Ред Бул, но развојот на РБ20 се покажа проблематичен и шампионите беа престигнати, обезбедувајќи серија интересни трки во текот на сезоната.
-Мислам дека имав пристоен ден. Имавме неколку мали проблеми, но во целина постигнавме речиси се што сакавме. Мислам дека вкупниот резултат не е лош, но во исто време има уште работа да се заврши, коментираше Макс по попладневната сесија.
Австралиското ГП за две недели треба да даде појасна слика за распоредот на силите на стартот од сезоната, но Макс објасни дека Ред Бул не е во улога на фаворит.
-Го добивме она што го очекувавме, продолжуваме да работиме и да се трудиме да ги подобриме нашите перформанси. Се надевам дека ќе бидеме подготвени за Мелбурн, да научиме повеќе работи, да видиме до каде сме. Воопшто не очекувам да бидеме најбрзи, но во моментов е многу тешко да се каже какво е темпото на другите тимови. Но, имаме уште работа да направиме, додаде Макс. дс
Фото: Архива