Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј
- Со заупокоена утринска Света архиерејска литургија што од изутринава се отслужува во Храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник, верниците од дебарско-кичевската епархија денеска се простуваат од упокоениот владика Тимотеј.
Охрид, 26 ноември 2024 (МИА) – Со заупокоена утринска Света архиерејска литургија што од изутринава се отслужува во Храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник, верниците од дебарско-кичевската епархија денеска се простуваат од упокоениот владика Тимотеј.
Со литургијата чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, неговото преосвештенство епископот Антаниски господин Партениј во сослужение на бројни свештеници од Епархијата.
Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј на проштално збогум ќе бидат изложени во храмот на Плаошник се до крајот на вечерната служба.
Инаку, Митрополитот Тимотеј почина вчера во Скопје, по кусо боледување.
Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година, кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.
Во изминативе 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ. аб/дма/