• четврток, 26 декември 2024

Велковски го посети Домот за стари лица ,,Зафир Сајто“ во Куманово

Велковски го посети Домот за стари лица ,,Зафир Сајто“ во Куманово

Скопје, 12 февруари 2024 (МИА) - Техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска го посети Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово.

Како што информира Министерството за труд и социјална политика, Велковски укажа на долгогодишната негрижа за возрасните лица.

- Евидентна е долгогодишната негрижа за возрасните лица. Тие не смеат да бидат заборавени од страна на државата. Мора вложувања во институционалните капацитети, вонинституционалните форми на заштита, алтернативни форми на згрижување на оваа категорија на население, рече Велковски.

Недопусливо е, како што се наведува во соопштението, политиката да влијае на назадување на условите во домовите за стари лица. 

- Старите лица го граделе ова општество во кое ние живееме и политичарите треба да ги тргнат рацете од институциите во кои се згрижуваат ранливи категории, нагласи  министерот Велковски. Додаде дека на врвот на неговата агенда биле и ќе останат старите лица и најави дека социјалната политика во иднина ќе биде насочена кон достоинствено и активно стареење.

Според директорот на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ Дејан Стојановски, домот, како што се наведува, бил мета на партиски препукувања од страна на актуелната власт.

- Не оставија со осум негуватели на 150 сместени лица, број што не го задоволува пропишаниот норматив според пропишаните стандарди. Многу преписки со Министерството, но залудно. Ова е првпат во овие пет години министер да влезе во домот, изјави Стојановски.

Како што информира МТСП, во моментот повозрасните опфаќаат над 12 отсто од населението, а според проценките на ОН овој процент ќе достигне до 18,8 отсто до 2030 година. мд/аа/

Фото: МТСП 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан