• четврток, 26 декември 2024

Велковски во посета на Домот за згрижување стари лица Сју Рајдер од Битола

Велковски во посета на Домот за згрижување стари лица Сју Рајдер од Битола

Скопје, 21 март 2024

Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска ги посети Центарот за социјална работа Битола каде се разговараше за актуелните проблеми и системски пропусти при доделување на социјалната помош. Велковски го посети и Домот за згрижување на стари лица Сју Рајдер од Битола во кој во моментов престојуваат 150 лица за кои се грижат само 7 медицински лица.

-Алармантна е состојбата во сите градови низ Македонија исто како и во Битола. И покрај барањата на домот Сју Рајдер, во овој дом не дошол министер да ги посети 7 години. Центарот кубури со кадар, а луѓето се оставени да се грижат сами за себе бидејќи има само 7 медицински лица на 150 луѓе. Овие луѓе сместени овде се стари лица, пензионери кои никој не најде за сходно да ги слушне нивните барања, изјави Велковски.

На средбата со директорите и вработените на центрите во Битола тема на разговор беа и утврдените системски аномалии и недостатоци коишто ги покажа системот за социјална заштита. Во постапка е инспекциски увид по што точно ќе се утврдат неправилностите, и да се спречат идни вакви појави.

-За жал некој не се грижел месеци и години наназад за тие системски неправилности и аномалии да бидат надминати. Таму каде што ќе има одговорност ќе си се утврди и тука треба сите да бидеме еднакви пред законот, но не е само одговорноста, туку системот да функционира и да нема повторно вакви појави во иднина, дополни тој.

Министерот Велковски како што и претходно најави, до крајот на мандатот како технички министер ќе ги посети сите центри за социјална работа и ќе се сретне со пензионерите од сите градови во Македонија како најважен столб на нашето општество. Големиот број на пензионери од Битола коишто дојдоа на денешната средба со Велковски и барањата коишто тие ги повторуваат уште од август 2023 година, само ја потврдува алармантноста и потребата итно да се излезе во пресрет на нивните барања.

-Пензионерите го истакнуваат проблемот којшто за жал од август 2023 година само се провлекува, тие протестираат, излегоа во голем број и бараат да се исполнат нивните права, но жално е што никој не ги прими долг период. Ги знаеме нивните барања и сигурен сум дека ќе има решение за истите. Дури 220.000 пензионери се со под 20.000 денари пензија. Така да тоа е две третини од вкупниот број на пензионери во државата кои што за жал примаат под 20 илјади пензија. Алармантна е навистина состојбата и ќе излеземе во пресрет на нивните барања коишто ги доставуваат до нас, порача Велковски.

 

Министерство за труд и социјална политика

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.


 

 


 

 

 

 

Остани поврзан