• среда, 18 декември 2024

Велика Британија и САД со нови мерки против нелегалната трговија со злато

Велика Британија и САД со нови мерки против нелегалната трговија со злато

Лондон, 9 декември 2024 (МИА) - САД и Велика Британија денеска објавија нови мерки за спречување на нелегалната трговија со злато, преку која се финансира војната на Русија против Украина и се поттикнува корупцијата.

Британските власти замрзнаа средства на четири лица инволвирани во шверц на злато, вклучително и на лице кое купило руско злато вредно над 300 милиони долари. Со тоа и обезбедил на руската влада приходи што може да се искористат за финансирање на војната во Украина, забележуваат политичките набљудувачи.

„Русија ја користи илегалната трговија со злато за перење пари и заобиколување на санкциите. Со тоа ги поддржува воените напори на (претседателот Владимир) Путин“, се вели во соопштението на британското Министерство за надворешни работи.

Велика Британија и голем број други западни земји воведоа забрана за увоз на злато од Русија, откако властите во Москва започнаа воена агресија против Украина во февруари 2022 година. Сепак, Москва се фокусира на други пазари каде што го продава благородниот метал

Минатата недела Британија соопшти дека разбила глобална мрежа за перење пари во соработка со САД. Ја користеле богатите Руси за да ги заобиколат ограничувањата наметнати на нивната земја поради агресијата во Украина.

Од своја страна, американското Министерство за финансии денеска објави дека воведува санкции за десетици компании и поединци. Тие се санкционирани поради вмешаност во мрежа на нелегална трговија со злато и перење пари. Криминалната организација, со седиште во африканската земја Зимбабве, била активна низ светот, се вели во соопштението на американските власти. ссм/

фото: архива

.

Остани поврзан