• четврток, 26 декември 2024

„Великата лирска песна“ - нова поетска книга од Санде Стојчевски

„Великата лирска песна“ - нова поетска книга од Санде Стојчевски
Скопје, 24 септември 2021 (МИА) - „Великата лирска песна“ е насловот на новата поетска книга од истакнатиот македонски поет Санде Стојчевски, објавена во издание на „Дијалог“ од Скопје. Стихозбирката се појави во реномираната едиција „Синтези“ и во неа се објавени 70 песни поделени на шест циклуси, како и арс-поетички текст на авторот, под наслов „Еден можен пат“. Најновата поетска книга „Великата лирска песна“ на Санде Стојчевски, како што посочува издавачот, носи ист наслов како и две негови претходни книги со критичка и есеистичка проза, но сега се работи за поетски ракопис, кој се повикува на поранешните, исто озаглевени книги, за да ја нагласи комплементарноста на теориските поставки во нив и на лирската практика на авторот. -Најновото поетско дело на Стојчевски е резултат на неговото повеќедецениско промислување на природата на лирското писмо и на проверка на поетичките разбирања што ги формулирал во својата критичка и есеистичка проза и ги практикувал во непосредното поетско творештво. Во таа смисла, оваа негова книга е еден вид сумарум на неговиот темелен однос спрема уметноста на поезијата, при што особено доаѓа до израз искушението во работата со јазичните слоеви и семантички и еуфониски пластови во нив, истовремено коментирани, толкувани и појаснувани во есејот „Еден можен пат“, кој за читателот може да преставува еден вид проширена фуснота, поткрепа за евентуалните, тешко достапни, херметични лирски наноси, својствени за поезијата со ваква природа, се наведува во освртот за делото. Имено, во своето најново дело, како што се посочува, Стојчевски темелно се посветува на продуктивните капацитети на јазикот во неговите дијахрониски и синхрониски пластови. Хронолошки, во јазичен поглед, поезијата во оваа книга се остварува преку црковнословенските слоеви, песни испеани на дијалект и, конечно, на стандарден македонски јазик. Оваа креативна лирска линија се темели  врз динамичниот развој на основниот материјал на лирската продукција – јазикот. Поради јазичката сложеност на певот, книгата е снабдена со исцрпни белешки, поврзани со книжевни, културолошки и историски алузии и препратки, како и со мал речник на непознати зборои и поими. Санде Стојчевски (1948) е автор на 18 поетски збирки, како и на 17 книги со поетички текстови, есеи, критики и полемики. Објавени се осум избори од неговата поезија и есеистика во земјава; избрани дела во шест тома; 12 поетски избори на странски јазици; и две аудиокасети (на романски и на македонски јазик). Списанијата Стремеж од Прилеп (1993) и Сум од Штип (2013) објавија посебни броеви посветени на неговото творештво. Составил девет антологии на македонската поезија и критика. Добитник е на „Книжевен жезол“ на ДПМ (2012), како и на следните награди за поезија: „Кочо Рацин“ (1992), „Григор Прличев“ (1998), „Браќа Миладиновци“ (2001) и други; награда за критика („Димитар Митрев“, 1999), како и на неколку меѓународни награди и признанија: „Сребрено летечко перо“ (Варна, Бугарија, 2009); „Арка“ (Смедерово, Србија, 2011); Орден „Владимир Мајаковски“ (Москва, Русија, 2012); Голема награда за севкупно торештво (Куртеа де Арџеш, Романија, 2021) и други. Носител е на државната награда „Св. Климент Охридски“ за животно дело (2010). вг/    

Остани поврзан