• недела, 24 ноември 2024

Велигденско послание на г.г. Стефан: Поминуваме низ период кој од нас бара послушност и воздржување, верниците да се молат во своите домови и срца

Велигденско послание на г.г. Стефан: Поминуваме низ период кој од нас бара послушност и воздржување, верниците да се молат во своите домови и срца
Скопје, 14 април 2020 † СТЕФАН ПО МИЛОСТА БОЖЈА, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ, ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД, ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА, ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ – ХРИСТОС ВОСКРЕСE!     Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.    Возљубени празникољупци, Велигден, денот на Христовото Воскресение, е празник на победата и празник на животот. Овој е денот во кој Господ ја објави Својата победа пред очите на народите…, и сите краишта земни го видоа спасението. Овој ден е денот на животот, и тоа вечниот живот, денот кој ни донесе радување, коешто никој не може да ни го одземе. На Велигден, на овој најголем христијански празник, ја исповедаме тајната на Победителот – Самиот Господ Христос, Кој, преку Своето славно воскресение од мртвите, ја победи смртта и смртното го облече во бесмртно. Денес е денот кога ни се откри тајната на љубовта Божја кон човечкиот род, која остана вечна врска помеѓу човекот и Бога, потврдена преку Крстот и Воскресението Христови, како и преку подвизите на сите богоугодници и достојни последователи во изминативе дваесет столетија. Радувајќи се на денешниот празник над празниците во Црквата Христова, повикани сме секогаш и пред секого да Го исповедаме Христа распнатиот, воскреснатиот и прославениот. Како вистински христољупци, повикани сме да ја благовестиме победата над смртта, над гревот и омразата, над неправедноста и насилството, над страдањата и темнината, и да придонесуваме да завладеат праведноста, мирот и радоста во Светиот Дух. Со Христовото воскресение се прекина силата на смртта и тоа стана темел на нашата вера и врата за вечната заедница со Бога. Тоа е гаранција и за нашето воскресение, зашто Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените. Во Него сите ќе бидат оживеани, оти љубовта Божја е посилна од гревот и смртта. Возљубени чеда во Христа Воскреснатиот, Празникот на Христовото Воскресение нè потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот. Па, кога би се навратиле повеќе на потребата од покајание и праведно живеење, ако не на денот на Христовото Воскресение, ако не на денот кој им дава смисла на човечкиот живот и на постоењето? Па затоа, празнувајќи и споделувајќи ја радоста на Христовото воскресение, да исповедаме дека верата во воскресението е извор на слободата и на љубовта, зашто преку Христа станавме и вистински слободни и духовно силни. Христовата љубов е неопходна во овој свет, особено денес, кога човештвото во голема мера е заробено од самољубие и рамнодушност, од лакомост за богатење и моќ, од овоземни задоволства и од суетна слава. Љубовта е најголемата сила! Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење. Впрочем, само во богочовечката Личност на воскреснатиот Спасител можеме да најдеме тивко пристаниште од сите искушенија и исцеление од последиците на гревот. Неговата победа над гревот и смртта ни дава и нам сила да се бориме со искушенијата на денот и со духовите на злобата, кои предизвикуваат безнадежност и осаменост во душите на луѓето, честопати проследени со нетрпеливост и насилство, со неморални дела и судири. Затоа е потребно да бидеме достојни почитувачи на Светото Евангелие и исполнители на Христовите заповеди, како што порачува и Самиот Спасител, кога вели: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот. Возљубени чеда во Господа, Христовата победата над гревот и над смртта, по претрпеното распетие и славното воскресение, е најголемата победа на сите времиња. Таа е единствена и вечна, и постигната е еднаш и засекогаш! Затоа, само соединети во Христа, преку молитвата и преку светите Тајни, и со исполнувањето на Неговите заповеди, можеме да го победуваме гревот и да се здобиеме со спасение и вечен живот. Светата Евхаристија е најпотребната заедница на верните во Црквата со Господа Христа. Кога сме соединети во заедничка молитва, Христос е присутен помеѓу нас, а при причестувањето со светите Тајни, Го вселуваме Христа во нас, како што и Самиот ни порачува: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден, и кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Христос е, и ќе биде, тајно присутен во Својата Црква сè до крајот на вековите и неа вратите на пеколот нема да ја надвладеат. Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква, Поминуваме низ еден период кој од нас бара послушност и воздржување. Појавата на корона - вирусот во светот, а воедно и во нашава земја, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. Затоа, да се придржуваме по советите и мерките изречени од надлежните институции, и сите заедно да придонесеме да се намали и спречи ширењето на заразата. На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Да се молиме Бог да ни ги прости нашите гревови и да нè помилува, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја. Затоа, во маката да бидеме трпеливи, а во молитвата постојани, зашто Воскреснатиот Господ е нашата надеж. Нека овој период ни биде време за покајание и за засилена молитва. Искушенијата што нè снајдоа нека ни бидат за утврдување во верата и за духовно напредување. Сè е возможно за оние што веруваат, зашто Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија. Воскреснатиот Спасител е Лекарот на душите и телата, и Тој лекува и обновува, ја осветува и ја вознесува човечката природа. Затоа, и не само во овие празнични денови, туку постојано и насекаде да ја живееме светоста на нашата христијанска вера, на верата што го победи светот. Да ја споделиме со сите радоста на Воскресението на вечниот Лечител, и никогаш да не заборавиме на тоа дека колку сме поблиски до Бога, толку и Бог ќе биде близу до нас! Возљубени, Како што веќе обзнанивме, годинава се навршуваат 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир. Тоа е годишнина со која би се гордееле секој народ и секоја Црква. Со Божја помош и со застапништвото на светиот Јован Крстител, Македонската Православна Црква, заедно со државните институции, достоинствено ќе го одбележи милениумското постоење и ќе ја истакне улогата и местото на ова големо светилиште во духовниот живот на македонскиот народ, и во минатото, и во сегашноста и, секако, во иднината. На сите чеда на Мајката Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, во Татковината и насекаде по светот, ви го честитаме празникот на Христовото Воскресение, со најрадосниот поздрав: Христос воскресе!   †СТЕФАН АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ со членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија ПЕТАР, Митрополит Преспанско–пелагониски и администратор Австралиско–новозеландски ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско–кичевски и администратор Австралиско–сиднејски НАУМ, Митрополит Струмички АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски МЕТОДИЈ, Митрополит Американско–канадски ПИМЕН, Митрополит Европски ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички ЈОСИФ, Митрополит Тетовско–гостиварски ЈОСИФ, Митрополит Кумановско–осоговски ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски ЈАКОВ, Епископ Стобиски   Велигден, 2020.   ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан