• четврток, 26 декември 2024

Велигденски концерт во Куманово

Велигденски концерт во Куманово
Куманово, 20 април 2022 (МИА) - Во организација на Фондацијата за култура од Куманово, вечерва со почеток во 18:30 часот во Соборниот Храм Свети Никола во Куманово, велигденски концерт ќе одржи хорот „Света Злата Мегленска“. Кумановци ќе имаат можност да проследат дванаесет дела од Шуплевски, Динев, Архангелски, Иванов, Христов, Иванов, Бортњански, Чесноков, Степанов. - Ги покануваме кумановци да го проследат настапот на хорот Света Злата Мегленска под диригентска палка на Летка Димовска-Полизова. Влезот е слободен и се надеваме дека граѓаните ќе уживаат во прекрасните композиции, изјави в.д. директор на Фондацијата, Виктор Божурски. Хорот е основан во 1996 година при Македонската православна црква, со благослов на митрополитот полошко-кумановски г. Кирил. Хорот е составен од 25 женски вокали, претежно од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Основач, раководител и диригент на хорот е Летка Димовска-Полизова. Во април 1999 година, хорот „Св. Злата Мегленска“ го снимил истоимениот музички албум со 12 композиции. Албумот, чиј продуцент е Светлана Марковиќ, бил издаден од дискографската куќа „Aura Records“, а бил снимен во Музејот на современата уметност во Скопје. Покрај во државата, хорот настапувал и во Британија, Белгија, Германија, Франција, Италија, Грција, Австралија, САД, Хрватска, Полска и други земји. На седми август 2015 година, хорот настапил на 55-тото издание на фестивалот „Охридско лето“. ам/аа/

Остани поврзан