• четврток, 26 декември 2024

Велигденска честитка на Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх

Велигденска честитка на Н.В.П. монс. Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх

Скопје, 7 април 2023 

Со празнувањето на Велигден, ние христијаните го славиме големиот настан што се случил по Исусовите страдања и смртта на крстот, како што севкупното велигденско таинство ни го пренесуваат евангелијата во Новиот завет. Велигден е празник, кулминација на сè што Бог направил во историјата на спасението. Исус, верен на својата мисија да го откупи човекот, ги прифати страданијата и смртта, токму како што пееме во велигденската химна од римскиот обред: „Човекот да го откупи, Синот го даде.“ Но неговото тело не остана во гробот, туку воскресна од мртвите на третиот ден. Преку воскресението, Исус се открива како моќен Господ, жив и прославен.

Марија Магдалена „во првиот ден од седмицата рано наутро дојде на гробот, уште додека беше темно“ и се упати кон гробот (Иван 20,1). Длабока симболика се крие во овие зборови „уште додека беше темно“. Верата во Марија сè уште не блеснала. Исус е во темнината на земјата, неговите непријатели се радуваат, а неговите пријатели, парализирани и сè уште во темнина, просејуваат низ сеќавањата. Кога Марија Магдалена стигна до гробот, забележа дека каменот е подигнат од гробот. Тоа беше зрак светлина, отворен гроб, почеток на нов ден. Иако сè уште не и било јасно што се случило, таа сепак трча кај учениците во зори и ги известува: Господ не е во гробот. Во тој гест се открива трошка надеж, која сè уште не го отворила просторот на самата вера, туку се носи со неа.

После тоа, Марија Магдалена го сретнува Господа, но на таа средба не го препознава, сè уште е во темнина и мисли дека тој е градинарот, на кого сепак низ солзи му ја изразува својата загриженост: „Го земале Господа мој и не знам каде Го положиле“ (Иван 20,13). Штотуку кога Исус и се обратил по име, полека ѝ се разденува, нејзиното срце почнува да гледа, а таа се свртува и Му вели: „Равуни -Учителе!. Тоа не е само форма на обраќање, туку е исповед на верата. После тоа, таа добива задача да оди и да им каже на учениците, да им ја пренесе Радосната вест: „Го видов Господа и дека тоа ѝ рекол“ (Иван 20,18). Веќе не се зборува за малодушност, тагата ја нема, а таа доби нова задача да биде предвесник на Христовото воскресение.

Соочени со најразлични општествени предизвици, како што е вештачката интелигенција, на што општeството допрва треба да даде одговор за да се зачува човечкото достоинство, обидите да се испишува нова антропологија во која нема место за Бог, опасноста од нуклеарна војна, како и многу други закани, сепак Воскреснатиот Господ од празниот гроб како на Марија Магдалена, така и нам ни упатува зрак светлина, која гласи: Никогаш да не западнеме во безнадежност.

Нашата вера во Воскреснатиот Господ може да ги победи сите стравови, вознемирености, неволји и грижи со кои се соочуваме. Христос го победи гревот и смртта. Гробот не можеше да Го задржи. Така Христос ќе го победи сѐ она што претставува грев, закана и го загрозува човештвото, кое што Тој го љуби и таа љубов ја посведочи со својата смрт и воскресение, правејќи нѐ соучесници на неговото воскресение. Тој е Алфа и Омега, Почеток и Крај. Тој го победи светот!

Оваа порака за Исусовото воскресение ја слушаме во Црквата секоја година за време на Велигден. Нека и оваа година нѐ оттргне од нашето секојдневие, за да се обратиме кон Воскреснатиот Христос. Ќе успееме ли да ја исповедаме нашата вера: „Равуни – Учителе!“ При средбата со него, да го послушаме и да му се обратиме, а потоа да посведочиме со нашиот живот: „Го видов Господа!“ Честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!

Ваш бискуп/епископ

+ Киро Стојанов

 

 

Остани поврзан