• среда, 25 декември 2024

Велешката библиотека збогатена со девет наслови на книги од седум роднокрајни писатели

Велешката библиотека збогатена со девет наслови на книги од седум роднокрајни писатели

Велес, 27 јули 2023 (МИА) - Девет наслови на книги од роднокрајните автори Атанас Крлевски, Александра Велинова, Ѓорѓи Малковски, Наташа Богоевска Брезовска, Александра Велинова, Сања Стојанова и Васил Тоциновски денеска беа изложени во медиотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“. Тие се  сместени во роднокрајниот оддел на библиотеката и читателите ќе може да ги изнајмат.

Библиотеката овој проект за набавка на книги од роднокрајни автори го реализира со поддршка на Министерството за култура.

Како што информира директорката Снежана Бошевска, одделот бележи децениско постоење, вбројувајќи автори со своите дела, како и објавени прилози и статии поврзани со градот или од роднокрајни автори.

- Како што го следи културното развивање на градот, така го следи и трендот на дигитализација. Па така библиотекарката Јадранка Мајсторова, која е заслужна за развојот за овој оддел, му дава современа димензија, внесувајќи во CОBISS апликацијата околу осумстотини наслови од роднокрајни автори. Со самото внесување во Aзбучниот каталог и УДК класификацијата ги популаризира авторите и делата не само надвор од градот, туку и надвор од државата, појасни Бошевска.

Носител на проектот е Гордана Васковска,, која информира дека целта на изложбата е промоција на творештвото на роднокрајните автори.

-Топло ви препорачувам да си ги позајмите и да ги прочитате овие девет наслови коишто се дел од роднокрајниот оддел. На авторите им посакувам многу успеси и нови наслови во наредната година. Да создаваат нови книги со кои ќе го збогатуваат роднокрајниот оддел, а читателите да уживаат во книгите, порача Васковска.

Извадоци од книгите читаше Марија Бошевска, а  музички настап на пијано имаше ученикот Стефан Ракиџиев од ОМУ „Стефан Гајдов“ под менторство на проф м-р Илија Настов. ад/мд/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан