• четврток, 26 декември 2024

Велешки пливачки маратон и Европски куп во далечинско пливање

Велешки пливачки маратон и Европски куп во далечинско пливање

Велес, 2 септември 2023 (МИА) - На Велешкото езеро „Младост“ денеска ќе се одржи 10. Велешки пливачки маратон, а утре за првпат и пливачки маратон од Европскиот куп во далечинско пливање.

Во 10 часот денеска почнува трката за аматери, а во 10:45 часот е трката за деца во должина од 800 метри. Во 12 часот ќе стартува трката на 2,5 километри која е последна, четврта трка од Националниот куп во далечинско пливање. Стартот на сите трки е пред хотелот „Романтик“.

Стартот на трката од Европскиот куп во далечинско пливање утре е во 11 часот, а пријавени се 31 пливач од кои 14 во женска и 17 во машка конкуренција. Покрај од државава, пријавени се учесници и од  Унгарија, Шведска, Германија, Италија, Србија, Бугарија, Бразил, Косово, Шпанија, Швајцарија, Франција и Данска. Тие ќе пливаат на 10 км. а разликата во стартот меѓу мажите и жените ќе биде 10 минути. Патеката е во должина од 1,666 км и ќе се плива шест круга. Стартот и целта се од пред хотелот „Романтик“.

Велес заедно со Барселона, Белград и уште три други града од Италија, Словачка, Израел годинава се домаќини на Европскиот клуб на далечинско пливање. Ова е најголем меѓународен спортски настан што се организирал во Велес. Во Велес ќе бидат присутни и  петмина претставници од Европската пливачка федерација ЛЕН.

Натпреварите се финансиски поддржани  од Општина Велес и Националната пливачка федерација, а наградите за трката за рекреативците ги обезбеди Дине Гуџов, кој е спонзор на сите досега одржани Велешки пливачки маратони, а  и самиот е учесник во рекреативната трка заедно со своите двајца синови.

За безбедноста на пливачите ќе се грижи Општинскиот Црвен крст со службата за безбедност на вода и 30-тина кајакари од велешките кајакарски клубови. ад/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан