• вторник, 24 декември 2024

Вашингтон пост: Нов договор за прекин на огнот ќе ги ослободи сите заложници од Газа

Вашингтон пост: Нов договор за прекин на огнот ќе ги ослободи сите заложници од Газа

Вашингтон, 31 јануари 2024 (МИА) - Сите заложници и цивили приведени во Појасот Газа ќе бидат ослободени за време на шестнеделна пауза во борбите предложени од САД, Катар и Египет на завојуваните страни Израел и Хамас, пишува денеска „Вашингтон пост“.

Израел начелно прифати делови од тој нов договор, кој сега го разгледува Хамас, пишува американскиот весник, повикувајќи се на претставници блиски до преговорите.

Документот предвидува дополнителни паузи по шест недели.

Затворените членови на израелската армија потоа ќе бидат ослободени, а телата на заложниците кои загинале во заробеништво ќе бидат предадени. Преговарачите се надеваат дека продолжувањето може да доведе до траен прекин на војната што започна на 7 октомври.

Според Израел, во Газа се уште има 109 заложници, меѓу кои и постари и деца, како и телата на 27 лица.

Шефот на израелската разузнавачка агенција Мосад, Дејвид Барнеа, кој беше овластен од израелскиот воен кабинет да преговара во негово име, присуствуваше заедно со шефот на израелската безбедносна служба Шин Бет, Ронен Бар, на разговорите во Париз во неделата, каде што се направи рамката на договорот.

Во разговорите учествуваа директорот на ЦИА Вилијам Барнс, шефот на египетското разузнавање Абас Камел и катарскиот премиер Мухамед бин Абдулрахман Ал Тани.

Египет го поднесе предлогот за одобрување до воените лидери на Хамас за кои се верува дека се некаде во Газа.

По преговорите во Париз, катарскиот премиер отпатува за Вашингтон за да разговара со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Белата куќа потоа апелираше за сите можни напори за да се обезбеди ослободување на заложниците без одлагање. Меѓу заложниците има и неколку американски државјани. паг/

Фото: МИА архива



 

 

 

Остани поврзан