• петок, 08 ноември 2024

„Вашингтон пост“: Иран може да ја преиспита својата одлука да го нападне Израел

„Вашингтон пост“: Иран може да ја преиспита својата одлука да го нападне Израел

Вашингтон, 7 август 2024 (МИА) - Иран може да ја преиспита својата одлука да го нападне Израел поради „силниот дипломатски притисок од САД“, јави денеска весникот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на неименувани извори.

Претставници на Белата куќа веруваат дека интензивните дипломатски напори за ублажување на одмаздата на Иран за убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран минатата недела би можеле да имаат ефект, пишува весникот, истакнувајќи дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е бесна поради избраниот тајминг на атентатот.

САД, заедно со нивните сојузници од Запад и на Блискиот Исток, ги повикуваат Иран и Израел да ги намалат тензиите и да спречат конфликтот да ескалира во сеопфатна војна.

Иако ризикот од ирански напад останува висок, претставници на Белата куќа за „Вашингтон пост“ изјавија дека американските напори „може да вродат со плод“ и дека постои можност Иран да ја преиспита својата одлука.

Според официјалните лица, кои сакале да останат анонимни, Техеран приватно заклучил дека Ханија не бил убиен од ракета со прецизно наведување, туку од бомба која претходно била прошверцувана во просторијата каде што престојувал и била активирана од далечина.

Ова би можело да го натера Техеран да ја преиспита својата одлука за напад, велат властите, додавајќи дека самиот Иран во минатото извршил слични напади во странски земји.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан