• четврток, 26 декември 2024

„Вашингтон Пост“: Белата куќа уште од средината на јуни знаела дека Пригожин подготвува бунт во Русија

„Вашингтон Пост“: Белата куќа уште од средината на јуни знаела дека Пригожин подготвува бунт во Русија

Вашингтон, 25 јуни 2023 (МИА) – Весникот „Вашингтон Пост“, повикувајќи се на официјални извори, денеска наведува кон средината на јуни американските разузнавачки агенции добиле информации кои укажуваат дека Евгениј Пригожин подготвува бунт и за тоа ја предупредиле Белата куќа.

Според изворите на весникот, американските разузнавачи добиле „доволно сигнали“ што укажуваат дека се подготвува бунт, но тие не ја знаеле природата на плановите на Пригожин и конкретниот момент на нивното спроведување.

Во текот на изминатите две недели, агенциите за тоа што се подготвува ја информирале Белата куќа, како и претставници на Стејт департментот, Пентагон и Конгресот.

„Њујорк тајмс“,пак, денеска наведува дека американските власти одлучиле да не ги објавуваат информациите бидејќи се плашеле дека Русија ќе ги обвини за заговор за државен удар. Освен тоа, забележува весникот, тие не сакале да им помогнат на руските власти.

Белата куќа претходно објави дека ги следи случувањата во Русија. Претседателот Џо Бајден за вчерашните настани во Ростов и Москва разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Ричи Сунак и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Единиците на групата „Вагнер“, во текот на ноќта меѓу петокот и саботата, го зазедоа штабот на Јужниот воен округ во Ростов-на-Дон. Приопа шефот на оваа платеничка војска, Евгениј Пригожин, ги обвини руските вооружени сили дека наводно извршиле напад врз логорите на „Вагнер“, што подоцна беше демантирано од Министерството за одбрана и руската безбедносна служба ФСБ.

ФСБ, во текот на вчерашниот ден против Пригожин поведе кривична постапка за организирање вооружен бунт. Подоцна, белорускиот претседател Александар Лукашенко, во договор со претседателот Владимир Путин, разговараше со Пригожин, по што прес-службата на Лукашенко објави дека Пригожин го прифатил неговиот предлог да преземе чекори за деескалација на ситуацијата.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Пригожин ќе замине во Белорусија, а кривичната постапка против него ќе биде прекината. сд/

Остани поврзан