• среда, 25 декември 2024

Варшава го презема полскиот имот на „Газпром“

Варшава го презема полскиот имот на „Газпром“
Варшава, 14 ноември 2022 (МИА) – Полскиот министер за развој, Валдемар Буда денеска најави дека Варшава ќе го преземе полскиот имот на рускиот „Газпром“. Всушност Полска ќе преземе 48 отсто од акциите на „Газпром“ во „Еурополгаз“, компанија, која е сопственик на полскиот дел од гасоводот „Јамал“. Буда истакна дека принудната управа ќе се погрижи за безбедноста на клучната инфраструктура за транзит на гас. Во септември Полска воведе санкции кон „Газпром“ и најави дека имотот на компанијата ќе биде замрзнат, откако во април санкционираше 50 руски олигарси и компании за да изврши притисок врз Москва поради инвазијата врз Украина. Во исто време, Русија ја прекина испораката на гас за Полска, откако Варшава одби да плати во рубљи. Иако „Еурополгаз“ е сопственик на полскиот дел од „Јамал“ долг 684 километри, оператор на гасоводот е државната полска компанија „Газ-Систем“. Откако „Газпром“ беше погоден од санкции, операторот на гасоводот немаше партнер кој ќе ги донесе клучните инфраструктурни одлуки. Министерот Буда наведе дека Полска прави се за да се спротивстави на руската агресија и да го елиминира рускиот капитал и влијание, но тоа не вклучува експропријација. - Бидејќи експропријацијата не е можна според полскиот Устав, решивме да воспоставиме принудна администрација, посочи Буда. ми/

Остани поврзан