• четврток, 26 декември 2024

Вархеји: Осумстотини милиони евра помош за Западен Балкан и Турција од ЕУ

Вархеји: Осумстотини милиони евра помош за Западен Балкан и Турција од ЕУ
Брисел, 8 април 2020 (МИА) – Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, денеска изјави дека Европската Комисија пренасочува 3,8 милијарди евра фондови за Западен Балкан и соседите на истокот и на југот на ЕУ за помош во борбата против коронавирусот, јави дописничката на МИА од Брисел. Ова е дел од стратегијата на Европската Унија за глобален одговор на пандемијата најавена вчера од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа вчера порача дека е исклучително важно Европската Унија да биде подготвена да им помогне на третите земји во оваа борба, посебно африканскиот континент. - Како дел од нашиот глобален одговор на пандемијата со коронавирусот, пренасочуваме над 3,8 милијарди евра од планираните фондови за Западниот Балкан и нашите непосредни соседи на истокот и на југот, таму каде што им се вистинските потреби денес: итен одговор на здравствената криза, за зајакнување на здравствените системи и ублажување на социоекономските последици од пандемијата, делиме континент и можеме да успееме само заедно, рече Вархеји. Пакетот „Тим Европа“ има за цел да им помогне на сите глобални партнери на ЕУ ширум светот преку земјите членки но и финансиските институции на ЕУ, посебно Европската инвестициска банка, и Европската банка за реконструкција и развој. Првите пакети „Тим Европа“ веќе се применуваат на Западен Балкан, соопшти ЕК. - Европската Унија ќе продолжи да го прилагодува својот одговор како што ќе се развива состојбата и ќе се фокусира на погодените земји кои имаат потреба од здравствена поддршка како што се земјите во Африка, во соседството, Западниот Балкан, Блискиот Исток и Северна Африка, делови на Азија и Пацификот, Латинска Америка и Карибите, информираат од ЕК. Најголем фокус ЕУ ќе посвети на најранливите групи како што се бегалците и внатрешно раселените лица. Вкупниот пакет изнесува 15,6 милијарди евра, од кои 3,25 милијарди се наменети за Африка, 800 милиони евра се за земјите од Западен Балкан и Турција. Земјите од јужното соседство на ЕУ ќе добијат 2,1 милијарда евра, а источните соседи 962 милиони евра. Азија и Пацификот ќе добијат 1,22 милијарди евра. тм/гт/

Остани поврзан