• петок, 27 декември 2024

Вархеји: Денеска е важен момент не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ

Вархеји: Денеска е важен момент не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ
Брисел, 19 јули 2022 (МИА) – Денеска е важен момент не само за Северна Македонија, туку е важен момент и за Европската Унија. Оваа политичка меѓувладина конференција е крај на еден долг процес и почеток на нова фаза од пристапните преговори. Може да продолжите да сметате на нашата поддршка, а ние ќе продолжиме да градиме заедничка, просперитетна и безбедна иднина заедно, изјави денеска во Брисел еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски. Северна Македонија, посочи Вархеји, во изминатите 17 години од добивањето на кандидатскиот статус и 13 години од првата препорака за отворање на пристапните преговори покажа дека е партнер од доверба. -  Уверен сум дека со одлучноста и решителноста на Северна Македонија ќе можеме да работиме брзо, напорно и ефективно во текот на преговорите. Нашата порака денеска за граѓаните од Северна Македонија е многу јасна. Ве сакаме во ЕУ и тука не постојат сомнежи. Денеска праќаме и моќна порака кон целиот регион, па и надвор од него, изјави Вархеји. Вархеји, посочи дека ќе направат се да се забрза процесот на преговори и веќе денеска попладне ќе започне скринингот на законодавството на ЕУ, што, како што нагласи е првиот чекор во пристапните преговори. -  Сакаме да продолжите да комуницирате со сите засегнати страни, со граѓанското општество и сите во Северна Македонија, затоа што ни се потребни во овој процес. Потребни ни се сите во Северна Македонија да работат за земјата и да работат за тоа Северна Македонија да стане земја членка, изјави Вархеји. Интеграцијата на Северна Македонија, посочи Липавски, беше болна и бараше многу, но како што посочи, решителноста, одлучноста и вистинскиот дух се тие што преовладаа. -          Денеска постигнавме една цел во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ, и покажавме едногласна поддршка на ЕУ за европската перспектива за Западен Балкан. Иднината на Западен Балкан лежи во ЕУ и навистина ми е драго што овој историски момент се случува во текот на чешкото претседателство со европскиот Совет, изјави Липавски. Липавски, исто така, го поздрави целосното усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ја охрабри да продолжи и натаму да се усогласува. -          Ја поздравуваме решеноста на Северна Македонија да ги спроведува реформите, како и да напредува до самиот крај. Ние ќе ја поддржиме Северна Македонија да стане полноправна членка и да ги исполни условите од пристапниот процес, изјави Липавски. Со одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ се одбележува отворањето на пристапните преговори на ЕИ и Северна Македонија. сп/аа/

Остани поврзан