• четврток, 26 декември 2024

Вархеји: Албанија ги исполни условите за прва меѓувладина конференција со ЕУ

Вархеји: Албанија ги исполни условите за прва меѓувладина конференција со ЕУ

Брисел, 1 март 2021 (МИА) - Во Брисел денеска се одржа единаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Албанија,при што Европската Комисија оцени дека Тирана е подготвена за првата меѓувладина конференција и ќе побара од земјите членки зелено светло, јави дописничката на МИА од Брисел.

По состанокот еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, порача дека Албанија ги исполнува сите ветувања и заложби и покрај вонредните услови во кои се наоѓа, пандемијата од Ковид-19 и земјотресот што ја погоди земјата претходно.

- Многу е важно да дадеме сигнал дека Албанија е способна и ги исполнува критериумите на терен, во областа на владеењето на правото, и другите области, реформите во правосудството се клучни, и можам да пренесам дека нашата заедничка проценка, со процесот на ветинг и назначувањето на судиите во Уставниот суд, до земјите членки на ЕУ е дека сите услови се исполнети за одржување на првата меѓувладина конференција, изјави попладнево Оливер Вахреји.

Албанија сепак ќе треба прво да го чека и исходот од претстојните парламентарни избори и да покаже дека ги интегрирала забелешките и препораките од релевантните меѓународни тела како ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската Комисија, посебно во делот на поткупот на гласачи.

Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, ја пофали Албанија нарекувајќи ја „модел“ за другите земји во регионот, посебно во делот на усогласувањето на надворешната политика со таа на ЕУ, услов кој земјата целосно го исполнува, најави Борел.

Борел истакна исто така дека претстојните избори треба да бидат без дамка.

- Нагласуваме дека е потребно списоците да се состојат од луѓе со интегритет, клучно е да се покаже заложбата за борба против корупцијата, изјави шефот на дипломатијата во ЕУ, додавајќи дека поларизацијата на политичката сцена го поткопува напредокот на земјата и не е во интерес на граѓаните.

Албанскиот премиер, Еди Рама, од своја страна, ги потсети неговите соговорници дека ЕУ потфрли во регионот во однос на процесот на вакцинација против Ковид-19.

- Шокантно беше за нашиот народ што се запостави регионот, затоа што како што знаете ние не живееме на границите на ЕУ, туку во ЕУ, опкружени сме со ЕУ држави, и нашите изнемоштени и стари лица се чувствуваат како да не заслужиле вакцини како и сите други, жално е што е така, но знаеме како одеа работите. Денеска 140 земји не почнале ниту со една инјекција, а десет отсто од земјите поседуваат седумдесет отсто од производството, порача Рама.

Премиерот на Албанија изјави надеж дека оваа ситуација набрзо ќе се деблокира преку КОВАКС.

Албанија треба да ја добие првата pратка од АстраЗенека во наредните денови потврди Рама.

Тој и се заблагодари на Европската Комисија за проценката за реформите во неговата земја и поддршката за одржувањето на првата меѓувладина конференција, нешто што земјите членки на ЕУ допрва треба да го одобрат. тм/ми/

Остани поврзан