• недела, 24 ноември 2024

Варсо - новата највисока кула во ЕУ

Варсо - новата највисока кула во ЕУ

Варшава, 2 ноември 2022 (МИА) - Нов рекорд е поставен во Европа - завршена е кулата „Варсо“, сега највисоката зграда во Европската унија. Сместена во Варшава, Полска, градбата од 310 метри ја престигна кулата „Комерцбанк“ во Франкфурт, Германија, која претходно го држеше рекордот со 259 метри висина.

Облакодерот има 53 ката, наменети за канцеларии, ресторани и две простории за опсервација. Именувана по Варсовија, латинското име за Варшава, зградата служи како порта за развој на новиот деловен парк „Варсо место“, сместен во центарот на Варшава. Комплексот се поврзува со основната железничка станица во градот. Дизајнирано од британската архитектонска фирма „Фостер и партнерите“, зданието се истакнува со стаклена фасада со тројно застаклување и шпицест врв од околу 80 метра. - Веруваме дека кулата, исполнета со активност и извонредни јавни простории на покривот, ќе даде силен, позитивен придонес за овој прекрасен град. Се надеваме дека ќе стане центар за околниот и меѓународниот бизнис и симбол на современа Полска, рече во изјавата Грант Брукер, висок претставник на фирмата. Во поглед на околината, дрвјата и клупите околу оваа кула нудат мирен амбиент за уживање, на пример во паузите, но и за граѓаните воопшто. Исто така, и 53. кат, како и посебни лифтови, се наменети за посетители кои би сакале да го искусат панорамскиот поглед. На 49. кат се наоѓа целосно уреден бар на тераса - највисока градина во Варшава.  си/паг/

Остани поврзан