• среда, 25 декември 2024

Вардар против Елверум ја прекина серијата без победа во Лигата на шампиони

Вардар против Елверум ја прекина серијата без победа во Лигата на шампиони
Скопје, 24 февруари 2021 (МИА) - Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 вечерва триумфираше во Скопје над Елверум со 35:32 (17:20), забележувајќи ја првата победа во Лигата на шампиони по повеќе од четири месеци. Ракометарите на Вардар беа во негатива по првиот дел, што Елверум го доби со 20:17, одржувајќи ја предноста до 41 минута, кога македонскиот првак за кратко го презеде водство со 25:24. Натпреварот во салата „Јане Сандански“ влезе во неизвесен финиш и на три минути пред крајот, резултатот беше израмнет 32:32. Норвешкиот првак не успеа да ги реализира последните три напади, додека на спротивната страна Гоце Георгиевски, Иван Чупиќ, од седум метри, и Тимур Дибиров беа прецизни за прва победа на Вардар од 15 октомври лани, кога „црвено-црните“ на истиот терен го совладаа Фленсбург со 31:26. Најефикасен во редовите на Вардар вечерва беше Тимур Дибиров со девет голови. Со вториот триумф во групата А, Вардар му го препушти последното место на табелата на Елверум, и со шест бодови од десет натпревари го пречекува следниот противник Мешков Брест, во Скопје на 4 март. ег/оџ/

Остани поврзан