• вторник, 24 декември 2024

Варан станува директор на клуб од Серија „А“

Варан станува директор на клуб од Серија „А“

Комо, 19 октомври 2024 (МИА) - Поранешниот француски репрезентативец Рафаел Варан му се придружува на амбициозниот италијански клуб Комо како член на Управниот одбор, објавија дебитантите во Серија „А“ на нивната веб-страница. Откако неодамна ја заврши својата кариера на теренот, Варан ќе го советува одборот за младинскиот развој, образование и иновации.

Тој, исто така, ќе биде во постојана комуникација и поддршка со Оушн Робертс, велшкиот специјалист одговорен за напредокот на младите таленти, и Џулиен Болон, раководител на образовната програма за момчиња во училиштето. Со интегрирање на академската, лидерската и професионалната обука во младинските програми, Варан има за цел да им помогне на младите спортисти да се подготват за живот надвор од фудбалот, нагласувајќи како не секој може да стигне до врвот на спортот.

Покрај фокусот на младите и образованието, Варан ќе советува и за стратегијата за развој на производи на Комо која вклучува технологија и иновации.

-Среќни сме што можеме да му посакаме добредојде на Рафаел во нашиот одбор. Неговите достигнувања во играта, во комбинација со неговиот интерес за младите и образованието, се усогласуваат со нашите цели за иднината на Комо, изјави Мирван Суварсо, еден од сопствениците на клубот. 

Поранешниот централен бек, сега 31-годишен, беше младински играч на Ленс во неговата родна Франција, а неговата кариера се протегаше во врвни клубови како Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. За репрезентацијата на Франција има 93 натпревари и 5 голови. дс

Фото: Архива

Остани поврзан