• среда, 25 декември 2024

Ванковска од Струга: Мора да свртиме нов лист за заедничко добро, државата постои за граѓаните, а не обратно

Ванковска од Струга: Мора да свртиме нов лист за заедничко добро, државата постои за граѓаните, а не обратно

Струга, 13 април 2024 (МИА) - Мора да свртиме нов лист за заедничко добро, без оглед кои сме, што сме и какви сме, порача од Струга претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска.

По средбата со граѓаните таа побара од граѓаните да не го заборават 24 април, денот на првиот круг од претседателските избори.

- Во жарот на битката околу парламентарните избори можное да с еслучи овој ден да им избегне. Сметаме на активизам и мобилизација од граѓаните која нема да почне и да заврши на 8 мај. Да почне на 24 април, да заврши на 8 мај и потоа на 9 мај да славиме Ден на победа над фашизмот, рече Ванковска.

На новото шеталиште во близина на Градскиот пазар, Ванковска се сретна со граѓани од сите националности, кои според неа, се пожалиле дека сега нема ред, разбирање и поредок.

- Ние мора да свртиме нов лист за заедничко добро, без оглед кои сме, што сме, какви сме. Денес овде во Струга ми приоѓаа од оџи до граѓани од различни етнички групи. Навистина преубав дочек. Ми приоѓаат луѓе со кои споделуваме минимални барања за ред, поредок. Значи мојата порака е да се знае дека државата постои за граѓаните, а не граѓаните за државата, рече претседателскиот кандидат на Левица.

Таа се наврати 20-тина години наназад, во времето, како што подвлече, отпорот на стружани кон територијалната организација.

- Можам да кажам дека мојот прв говор, обраќање од улица, пред граѓани беше овде. Градот е секако изменет но, луѓето ја споделуваат истата мака, а тоа е корумпирана локална власт, корумпирана центарлна власт и секако младите кои заминуваат. Практично се брише и дел од минатото, заклучи Ванковска. сс/мч/

Фото МИА

Остани поврзан