• среда, 25 декември 2024

Ванделт: Предизвиците со кои се соочува Германија се одлична шанса за македонското стопанство

Ванделт: Предизвиците со кои се соочува Германија се одлична шанса за македонското стопанство

Скопје, 20 декември 2023 (МИА) –  Моменталните предизвици со кои се соочува германското стопанство се одлична шанса и прилика за македонското стопанство, но треба да се работи на подобрување на рамковните услови кои ги нуди државата, оцени денеска директорката на Делегацијата на германското стопанство во земјава (АХК) Антје Ванделт.

-Германија во  моментов се соочува со предизвици и за да ги сузбие се прави анализа за поместување на производство, односно се разгледуваат можности каде да се префрли производството од Германија. Сметам дека тоа е одлична шанса за Северна Македонија и одлична прилика за земјата да се позиционира подобро. Треба да се работи на подобрување на рамковните услови кои ги нуди државата, изјави Ванделт пред почетокот на настанот „Предновогодишни разговори со Хајделберг“.  

Имаме, додаде, голем број германски инвестиции во земјава, но сметам дека годинава се реализираа и голем број на реинвестиции од присутните германски инвеститори. Тоа ќе се одрази и на трговската размена помеѓу двете земји така што очекуваме идната календарска година да имате зголемен извоз кон Германија.

-При носењето на нови инвестиции треба да се внимава на нивна диверзификација за да не се прави македонското стопанство зависно од автомобилската индустрија, туку да се донесат и од други области. Во моментов на тоа се работи. Имаме инвеститори од областа на медицински уреди и опрема, металопреработувачката индустрија и инвеститори кои работат за Германската железница, а најновата германска инвестиција е за производство на батерии кои имаат примена во индустриски производи и уреди, рече Ванделт.

Нагласи дека и во 2024 година ќе останат истите предизвици со кои се соочува македонското стопанство.

-Тоа е недостигот на стручен кадар за што под итно треба да се најде решение, бидејќи со оваа тема ќе се соочат и новите  германски инвестиции кои и во иднина ќе доаѓаат и кои ќе имаат потреба од квалификуван стручен кадар, рече Ванделт.

Потсети дека Германската стопанска комора уште во 2017 година во земјава ја почна програмата за дуално стручно образование по  германски терк.

-Досега оваа програма се одвива одлично и имаме два наставни кадри, едниот за мехатроничар, а другиот за техничар за индустриско производство. Во моментов 150 млади Македонци се дел од оваа едукативна програма која се одвива во седум градови во државава. Набрзо очекуваме да матурираат и се сертифицираат следните генерации кои со тие дипломи ќе дадат придонес за подобрување на квалитетот на кадарот во германските инвестиции, посочи Ванделт.   

Професорот Ванчо Узунов вели дека следната 2024 година ќе биде изборна кај нас, во Европа и САД и затоа, како што посочи, ќе поминеме добро ако биде нешто подобра од тековнава.

-За следната година има една добра вест и една не толку добра вест. Добрата вест е што се очекува дека инфлацијата ќе се смирува, што значи дека полека ќе излегуваме од досегашниот инфлаторен притисок и ќе влеземе во помирни води гледано од макроекономски аспект. Тоа е добро за бизнисот во секој случај, изјави Узунов.

Не толку добра вест е, посочи, што следната година е изборна.

-Изборна година е кај нас, во Европа и во САД. Многу избори во една година се собрани. Тие се добри за демократијата, но не се добри за бизнисот. Изборна година особено во мали држави како Македонија за стопанството значи барем пола година намалена активност или непроменети услови – ништо не сменето. Владата нема да работи, ќе биде техничка, така што ако следната година биде нешто подобра од оваа ќе поминеме добро, оцени Узунов.

Синиша Наумоски, претставник на Управниот одбор на Бизнис школата „Хајделберг Скопје“ рече дека Хајделберг институтот во Скопје е институција која функционира веќе пет и пол години.

-Ова за нас е голем настан бидејќи првпат правиме заеднички економски настан со Делегацијата на германското стопанство. Чест ми е што можеме да го промовираме германското високо образование, особено дуалното високо образование. Се надевам дека овој настан ќе допре до сите кои се заинтересирани за едно поинакво или различно образование ориентирано кон стопанството во делот на економијата, ИТ и машинската индустрија, изјави Наумоски.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан