• четврток, 26 декември 2024

Ванделт на средба со Битиќи за потенцијалот на германските инвеститори во Северна Македонија

Ванделт на средба со Битиќи за потенцијалот на германските инвеститори во Северна Македонија

Скопје, 27 јули 2023 (МИА) - Потенцијалот на германските инвеститори во Северна Македонија, можностите за дополнителен развој на рамковните услови и за обезбедување квалификувана работна сила, биле клучни теми на разговор на средбата на Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство.

-Посетата кај вицепремиерот Фатмир Битиќи, одговорен за економски прашања, првпат ме однесе во „белата куќа“ на македонската влада.Водевме конструктивен дијалог за потенцијалот на германските инвеститори во Северна Македонија, но и за можностите за дополнителен развој на рамковните услови. Интензивно зборувавме и за можностите за соработка за обезбедување на квалификувана работна сила, како и за активирање на неискористениот потенцијал кој го нуди локалниот пазар на трудот, информира денеска во пишана изјава Ванделт. 

Таа посочува дека средбата била одлична можност да се претстават претстојните проекти на АХК Северна Македонија, меѓу кои настанот „Suppliers Balkan Expo - SUBEX“, кој наесен повторно ќе го организираат во Скопје.

Исто така,наведува таа, зборувавме за диверзификација на новите инвестиции во Северна Македонија, зголемената релевантност од аспект на долгорочна одржливост при носењето на одлука за избор на пазар за инвестирање, вклучувајќи ја матрицата за зелена енергија и циркуларна економија. Во овој контекст говореле и за потребата од нови образовни профили кои би биле дел од програмата за дуално стручно образование по германски модел.

-Посебно ме израдува интересот на вицепремиерот Битиќи за промовирање и активно вклучување на жените во стопанството. Се договоривме и во иднина да продолжиме со тесна соработка и редовна размена на сите овие теми, но истовремено како и во минатото да организираме средби на кои ќе водиме директен дијалог со германските инвеститори, наведува Ванделт.

За средбата на Ванделт и Битиќи завчера информираше и владината прес-служба, од каде соопштија дека  вицепремоерот посочил дека Северна Македонија е атрактивна дестинација за германските инвестиции и многу важен економски партнер, додека Германија е нејзин главен извозен пазар.

-Ванделт посочи дека постојните компании во нашата земја се развиваат и информираше дека тие се особено заинтересирани за ширење на инвестициите и синџирите за набавка, се наведува во соопштението. Соговорниците на состанокот разговараа и за дуалното образование, при што заедничка била констатацијата дека германските компании се главни партнери за неговиот развој, кој дава одлични перформанси, соопштија од Владата. лв/ев/

фото:Влада 

Остани поврзан