• среда, 25 декември 2024

Ванг Ји кон крајот на неделата во посета на САД

Ванг Ји кон крајот на неделата во посета на САД

Вашингтон, 24 октомври 2023 (МИА) – Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, неделава ќе ги посети САД, кога ќе треба да разговара со својот домаќин, државниот секретар Ентони Блинкен, и со советникот за национална безбедност на претседателот Џејк Саливан, пренесуваат британските медиуми, цитирајќи неименувани американски официјални лица.

Кинеската агенција Ксинхуа денеска објави дека Ванг Ји ќе ги посети САД од 26 до 28 октомври на покана на американскиот државен секретар.

Ројтерс соопшти дека американските власти одбиле да кажат дали Ванг ќе се сретне и со американскиот претседател Џо Бајден.

Долгоочекуваната посета на Ванг на САД доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, проценуваат британските медиуми, додавајќи дека Вашингтон се надева дека Пекинг може да помогне да се запре конфликтот.

Оваа реципрочна посета ќе се реализира откако неколку американски официјални лица, вклучувајќи го и Блинкен, летово го посетија Пекинг. 

Британските медиуми потсетуваат дека во ноември во Сан Франциско се очекува и средбата меѓу американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг.

Главниот приоритет на Вашингтон е да обезбеди интензивната конкуренција меѓу двете најголеми светски економии и нивните несогласувања за низа прашања, од трговијата до Тајван и Јужното Кинеско Море, да не прераснат во конфликт.

„Продолжуваме да веруваме дека директната, лице в лице дипломатија е најдобриот начин за решавање на предизвикувачките прашања, за решавање на погрешните перцепции и погрешни комуникации и за истражување на соработката со Кинезите каде што се вкрстуваат нашите интереси“, рече еден функционер, кој сакаше да остане анонимен.

Според друг американски функционер, тема на разговорите на Ванг во САД ќе биде војната меѓу Израел и Хамас и руската војна во Украина. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан