• сабота, 27 јули 2024

Ванг: Кина и Русија ќе работат на мирот во Источна Азија

Ванг: Кина и Русија ќе работат на мирот во Источна Азија

Пекинг, 26 јули 2024 (МИА) – Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји изјави дека Кина е подготвена да соработува со Русија за одлучно меѓусебно поддржување и заштита на заемните витални интереси во атмосфера на турбулентна меѓународна ситуација и надворешно мешање.

На средбата на Ванг, на Самитот на АСЕАН, што се одржува во Лаос, со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се разговараше за нова безбедносна архитектура за Евроазија.

- Двајцата министри разговараа за начините за спроведување на концептот за изградба на нова безбедносна архитектура за Евроазија. Русија го изнесе како одговор на стагнирачките евроатлантски механизми, се наведува во соопштението од руското МНР.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лавров и се заблагодарил на Кина за поддршката за руското претседавање со БРИКС и ја потврди подготвеноста на Москва да му помогне на Пекинг во претседавањето со Шангајската организација за соработка.

Лавров, исто така и се заблагодарил на Кина за балансираниот и конзистентен став за украинската криза и ги поздрави иницијативите на Пекинг за промовирање пристапи кои ги земаат предвид интересите на сите заинтересирани страни и ги елиминираат причините кои се во основата на конфликтот.

- Ванг и Лавров високо го оценија развојот на политичкиот дијалог и практичната соработка помеѓу Русија и Кина во време на зголемени турбуленции во меѓународниот систем, се истакнува во соопштението на руското МНР. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан