Вакциниран кралот на Јордан, во Израел првата доза ја примија два милиони луѓе
- Јорданскиот крал Абдула Втори ја прими вакцината против Ковид 19, ден по почетокот на кампањата за вакцинација во таа земја.
Ерусалим, 14 јануари 2021 (МИА) - Јорданскиот крал Абдула Втори ја прими вакцината против Ковид 19, ден по почетокот на кампањата за вакцинација во таа земја.
Монархот беше вакциниран заедно со неговиот син, престолонаследник Хусеин и чичко му, принцот Хасан, соопшти кралската палата прекуТвитер, со фотографија од примањето на инјекцијата.
Јордан започна со имунизација против коронавирусот во средата, а здравствените работници, оние кои страдаат од хронични болести и оние постари од 60 години, се први вакцинирани.
Минатата недела, кралството соопшти дека ја одобрило кинеската вакцина Синофарм за итна употреба, откако даде зелено светло за американско-германската вакцина Фајзер-БиоНТек, пренесува Бета.
Во меѓувреме, во Израел беше објавено дека два милиони Израелци ја примиле првата доза на вакцината против коронавирус.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за здравство Jули Еделштајн беа во клиника во градот Рамле кога една воспитувачка ја прими двемилионската прва доза на вакцината, пренесуваат израелските медиуми.
Нетанјаху и Еделштајн веќе ја добија втората доза како дел од масовната кампања за вакцинирање што започна на 20 декември.
Израелскиот лидер рече дека вакцинацијата стана рутинска во таа земја и дека Израелците се задоволни што се навикнале на тоа, но дека повеќето сакаат да заврши и најави продолжување до следниот милион и издавање на таканаречени зелени пасоши за вакцинирани.
Вечерва беше соопштено дека во последните 24 часа, уште 6.260 лица во Израел се заразени со коронавирус, а бројот на смртни случаи од почетокот на епидемијата се зголеми на 3.860. ссм/